28 септември 2023, Скопје – Сите основни прехранбени производи, коишто граѓаните ги користат во секојдневна употреба, се дел од листата на производи што ќе се оданочуваат со повластена стапка на ДДВ од 5%. Листата, којашто беше усвоена денеска со Одлука од страна на Владата, содржи над 1600 производи и воедно се проширува со производи како што се електронските/дигиталните учебници и други производи. На оваа листа на производи што ќе се даночат со повластена стапка остануваат и пелетите за греење.
Согласно донесената Одлука од страна на Владата, граѓаните и натаму ќе ги купуваат со понсиска даночна стапка производите како што се леб, бел шеќер, брашно, масло од сончоглед, млеко и павлака, месо, јајца, сирење, урда, кашкавал, овошје и зеленчук, тестенини, супи, ајвар, природен мед, сол, кечап и слично.
Листата е долга и содржи голем број производи коишто граѓаните ги користат секојдневно. Станува збор за над 1600 производи коишто имаат најниска повластена стапка на оданочување.
Владата, денеска, а согласно донесените измени на Законот за данокот на додадена вредност, усвои и Одлука за примена на повластена даночна стапка од 10%, за производи што имаат помала потрошувачка, се третираат како луксузни производи и не претставуваат основни производи во исхраната. На оваа листа се производи како месо од ирваси, лосос, сирење со сина мувла, сирење од типот тофу, јагула, семе од лен, палмино и кокосово масло, кавијар, школки, тропски овошја како папаја, манго, авокадо и сл. Вклучувањето на дел од производите коишто ќе се оданочуваат со оваа стапка е со цел заштита на здравјето на граѓаните. Имено, овие две листи ги содржат скоро сите прехранбени производи коишто се користат во секојдневниот живот на граѓаните.
Целта на донeсените одлуки е пред сѐ заштита на стандардот на граѓаните, но и оданочување со праведна даночна стапка на производите што не претставуваат основна човечка исхрана. Дополнително, целта е заштита на домашното производство на прехранбени добра и поддршка на домашните компании.
Одлуките произлегуваат од донесните измени на Законот за данок на додадена вредност, којшто беше дел од даночната реформа со која се настојува да се воспостави современ даночен систем, кој ќе почива на принципите на праведност и правичност.
Дополнително, во насока на заштита на стандардот на граѓаните, Владата донесе и одлуки за намалување на увозните давачки за свежиот зеленчук (домати, пиперки, краставици, кромид, праз, карфиол, брокула, морков, модар патлиџан, тиквички и сл.) и ориз, но и укинување на увозните давачки за агрумите, односно портокали, лимони, грејпфрут и мандарини.