Вести|

30 септември 2023, Скопје – Аукцијата за зелените обврзници, за кои проспектот беше објавен оваа недела, ќе се одржи на 3 октомври, во вторник, и за нив очекуваме поголем интерес, пред сѐ од банките и институциите, иако се наменети и за граѓаните.

Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за Блумберг Адрија, во кое најави дека ќе се издаде уште една нова емисија на граѓански обврзници.

„Износот на емисијата на зелените обврзници е 10 милиони евра, со рок на доспевање од две години и 4,7% годишна камата, а ќе можат да се пријават банки, институции и граѓани. Очекуваме поголем интерес, пред сè од банките и институциите, затоа што станува збор за еден нов инструмент што во билансот на банките и компаниите значи дополнителна вредност, не само финансиска вредност“, вели министерот Бесими.

Тој посочува дека парите ќе одат во Фондот за енергетска ефикасност во рамки на Развојната банка, преку кој ќе се поддржат зелени проекти односно енергетски ефикасни проекти и проекти во обновливи извори на енергија за мали и средни претпријатија, на кои ќе им се помогне во финасирањето со поволни услови.

Во интервјуто министерот се осврна и на новата емисија на граѓански обврзници, којашто ќе изнесува 10 милиони евра.

„Планираме да ја издадеме во текот на октомври на износ од 10 милиони евра во денарска противвредност, но ќе се прифати целата понуда, односно онолку колку што ќе покажат интерес граѓаните. Износот на каматата на годишно ниво е 5%. Станува збор за двегодишни обврзници којашто ќе се обновува, поточно граѓанските обврзници континуирано ќе бидат присутни на нашиот финансиски пазар“, вели Бесими.

На крајот посочи дека веќе се издадени и структурни обврзници, коишто се наменети за општините и дека сега се издадени на Општина Тетово во износ од 4,5 милиони евра, Општина Желино 1 милион евра и Општина Виница со нешто помал износ. Како што рече министерот, барање доставила и општина Кичево, но се откажала во последен момент.

Оваа вест е достапна и на: Albanian

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *