Вести|

октомври 2023, Скопје – Собранието денеска ја усвои Предлог-одлуката за прераспределба на средства во Буџетот за 2023 година. Со Одлуката се прераспределуваат 18,2 милијарди денари за исплата на повисоките плати, зголемените пензии, регресот за годишен одмор за сите вработени во јавниот сектор,  социјални права, субвенции за земјоделците, за здравствена заштита, односно набавка на лекот „Трикафта“ и мерачи за лицата со дијабет, а дел од овие средства се наменети и за новиот пакет антикризни мерки.

„Со Одлуката вршиме реалокација на средства во интерес на социјалниот аспект, односно главните реалокации се токму во насока на поддршка на граѓаните и стандардот – покачување на платите во јавниот сектор за 10% и обезбедување К-15 согласно одредбите од Општиот колективен договор за јавниот сектор, пораст на пензиите за околу 6% согласно воспоставеното системско решение, зголемување на средствата  за социјални трансфери, субвенции за земјоделците, поддршка на домашните и странските компании и обезбедување средства за деветтиот пакет антикризни мерки. Нашата цел е поддршка за граѓаните, за да ги олесниме ценовните притисоци што е можно повеќе, а истовремено да ја задржиме и развојната компонента на Буџетот, со повисоко ниво на планирани капитални инвестиции во однос на буџетскиот дефицит. На ваков начин продолжуваме со стратегијата за заздравување на економијата, пред сѐ преку заштита на стандардот на граѓаните, а понатаму и преку забрзување на економскиот раст“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими при образложувањето на Предлог-одлуката во Собранието.

Министерот потенцира дека со Одлуката се врши реалокација на 18,2 милијарди денари кои се обезбедени по основ на заштеди од помалку реализираните расходи кај одредени буџетски корисници, како и со дополнително обезбедените средства по основ на механизмот КАПЕФ и дека со ова се обезбедува сигурна ликвидност во Буџетот и сервисирање на обврските.

Со Предлог-одлуката се обезбедени 4,25 милијарди денари за исплата на зголемените плати на вработените во јавниот сектор за 10% и исплата на регресот за годишен одмор во висина од 10.000 денари, потоа 3,5 милијарди денари за зголемување на  пензиите за околу 6% за 336 илјади пензионери, 1,81 милијарда денари за државна помош за компании и тоа: за домашни компании 581 милион денари, за странски компании 200 милиони денари и за компании и инфраструктурно уредување во ТИРЗ  300 милиони денари, 800 милиони денари се наменети за земјоделски субвенции, пред сѐ за субвенции за млеко, сточарско производство, како и за авансно финансирање на земјоделците за растително и сточарско производство, 650 милиони денари за исплата на МОЈ ДДВ за третиот квартал заради зголемувањето на лимитот на повратот, 600 милиони денари за исплата на социјалните права за 36.000 корисници на гарантирана минимална помош, 290 милиони денари се наменети за исплата на студентски оброк за 29.000 корисници, стипендии за 6.900 студенти и 9.600 ученици, 200 милиони денари за  редовно сервисирање на породилните боледувања, 166 милиони денари за превод, печатење и откуп на учебници за основно и средно образование, 110 милиони денари за справување со Африканската чума, 100 милиони денари за набавка на лекот „Трикафта“ за 55 пациенти, како и 20 милиони денари за набавка на дигитални сензори за следење на шеќерната болест.

Со Одлуката се алоцирани и 4,55 милијарди денари во Програмата П1. Станува збор за средства наменети  за новиот пакет антикризни мерки.

Министерот посочи дека со ваквата прераспределба не се отфрла ниту еден капитален проект, а притоа капиталните расходи остануваат на повисоко ниво од буџетскиот дефицит, кој пак останува на исто ниво во номинален износ, со што се покажува посветеноста кон постепена фискална консолидација.

Собранието го усвои и Предлог-законот за измени на Законот за извршување на Буџетот.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *