Вести|

11 октомври 2023, Скопје – Министерот за финансии Фатмир Бесими заедно со гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска од денеска учествуваат на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, коишто годинава се одржуваат во Маракеш, Мароко. Во фокусот на годинашните средби е одговорот на предизвиците од климатските промени, енергетската транзиција, но и поголема отпорност и подготвеност на пандемии.

Во рамки на Годишните средби, министерот Бесими ќе се состане со високи претставници на Светската банка и ММФ, како и со претставници од други релеватни меѓународни финансиски институции, каде што министерот, согласно годинашниот фокус на Годишните средби, ќе ги претстави заложбите на Владата на РС Македонија за еколошки одржлив економски раст, инвестициите во зелени проекти и политиките што ги спроведува за реализација на оваа определба и имплементација на зелените проекти.

Министерот Бесими во Маракеш ќе се сретне со потпретседателката на Светската банка Антонела Басани, извршниот директор на Светската банка Кун Давидсе, директорката на Светската банка за Западен Балкан Шиаочин Ју, како и со високи претставници на ММФ, поточно заменикот на генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс и алтернативниот извршен директор Лук Дресе, како и со директорот на ММФ за Европа Алфред Камер.

Предвидени се и средби со претставници на меѓународни финансиски институции, поддржувачи на земјава во спроведување на инфраструктурните проекти и со претставници од институции кои можат да го поддржат зелениот развој. Меѓу предвидените средби се и оние со првиот заменик-претседател на Европската банка за обнова и развој Јирген Ригтеринк, регионалниот заменик-претседател во Меѓународната финансиска корпорација – ИФЦ Алфонсо Гарсија Мора и со претставници од Mеѓународната развојна агенција – ИДА.

Годишните средби, на кои учествуваат министри за финансии, гувернери, претставници од бизнис-заедницата, граѓанскиот сектор, академици и слично, даваат можност за отворање дијалог за прашања што се од глобален интерес. Годишните средби на ММФ и Светската банка секоја година се одржуваат во октомври, а годинашните во Маракеш траат од 9-ти до 15-ти овој месец.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *