21 октомври 2023, Скопје – Политиките што ги спроведуваме како Влада во справувањето со ценовната криза резултираат со намалување на инфлацијата којашто од 19,8% во октомври минатата година сега е намалена на 6,6%. Ова е јасен сигнал и кон граѓаните и кон бизнисот дека како и другите земји и ние се бориме со инфлацијата.
Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во гостувањето во „Тема на денот“ на ТВ Сител, додавајќи дека клучно е да се стабилизираат очекувањата, а за тоа е потребен координиран систем на пазарот, затоа што зголемените цени вршат притисок врз платите, а тие, пак, повторно врз цените и таа инфлаторна спирала тешко се враќа назад.
„Затоа спроведуваме различни мерки, антиркизни, насочени кон поддршка на граѓаните и компаниите, замрзнување на цените, административни мерки, времени мерки и слично, како што тоа го прават и другите земји со цел да се стабилизираат очекувањата. Од друга страна, монетарната политика ја зголемува каматната стапка што, пак, се одразува на економскиот раст, но тоа е цената кога се бориме со инфлацијата. Тоа се случува и во Европа, а се случуваше и во САД и во земјите од регионот. Се соочуваме со фактот дека треба да се стабилизираат очекувањата и инфлациајта и да се придонесе кон раст“, рече министерот Бесими.
Тој додаде дека во периодот од четири години по ред во кој се соочуваме со криза се спроведува фискална консолидација при што дефицитот од над 8% во време на корона–кризата постепено се намалува, а притоа има раст на инвестициите, на платите, при истовремено спроведување антикризни мерки.
„Во Буџетот издвојувавме она што порано го немало. Издвојуваме средства за антиркизни мерки. Ја субвенционираме цената на електричната енергија за над 600 илјади домаќинства. Сега разговараме за нов пакет-мерки за најранливите категории, разни поволни кредити за компаниите, а тука е и граѓанската обврзница“, посочи Бесими.
Тој потенцира дека во услови на криза се намалува сиромаштијата и невработеноста, што е нотирано и во најновиот Извештај на Светската банка. „Во него е евидентирано дека и во време на криза земјата успеала да го продолжи трендот на намалување на невработеноста и сиромаштијата. Исто така, забележан е и растат и платите, поточно дека тие од април наваму номинално растат повеќе од инфлацијата, а тој раст ќе продолжи и во иднина, имајќи го предвид системот што го воспоставивме. Тоа е голем успех за нашата економија и општество“, рече министерот.
Позитивните оценки во Извештајот се однесуваат и на отворањето на преговорите со ЕУ, и на инвестицискиот циклус, што е забележано преку зголеменото учество на капиталните расходи во БДП, но и во самиот проектиран Буџет. „Тоа се фактори што ќе влијаат на растот на среден рок, кој, пак, во моментов е под силно влијание на надворешни фактори, односно на случувањата во ЕУ и особено во Германија како наш најголем трговски партнер“, заклучи Бесими.
Во интервјуто министерот се осврна и на прашањето за платите на функционерите при што напомена дека во Владата веќе се разговара за изнаоѓање одржливо решение.