1 ноември 2023, Скопје – Европската банка за обнова и развој е една од најзначајните и воедно најактивна меѓународна финансиска институција во земјава, која има голем придонес во постигнатиот напредок и развој на РС Македонија. Заедно со ЕБОР во изминатиот период беа реализирани 175 проекти во вкупна вредност од 2.554 милиони евра и таквата плодна соработка ќе продолжи и во иднина. Ова беше истакнато на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со директорот на ЕБОР за Западен Балкан Матео Колангели и новиот шеф на Канцеларијата на ЕБОР во земјава Фатих Туркменоглу.
На средбата министерот упати честитки до Туркменоглу за преземањето на новата должност и му посака успех, напредок и идна плодна соработка во реализацијата на многуте проекти коишто ќе придонесат за понатамошниот развој и просперитет на нашата земја.
„Уверен сум дека веќе воспоставената соработка со ЕБОР ќе продолжи и во наредниот период преку подготовка и реализација на приоритетни проекти кои имаат големо позитивно влијание врз нашата економија и условите за живот на граѓаните. Тоа е заедничка цел и очекувам широка поддршка во остварувањето на поставените приоритети“, истакна министерот Бесими.
На средбата стана збор за проекти коишто во моментов се реализираат со поддршка од ЕБОР и тоа во енергетскиот сектор и инфраструктурата, како и за нивниот понатамошен тек, но и за поддршката што се очекува во делот на енергетската транзиција од јаглен кон чиста енергија за што стојат на располагање 85 милиони американски долари преку Климатскиот инвестициски фонд, со цел забрзана енергетска транзиција и справување со предизвиците во реализацијата на тој процес. ЕБОР ќе биде главна меѓународна финансиска институција на земјава со чија помош ќе се реализира овој процес.
Исто така, на средбата беше посочено дека РС Македонија веќе презема активности и во однос на иницијативата за проширување на работењето на ЕБОР во субсахарска Африка и Ирак, покрената на Годишниот состанок што се одржа оваа година во Самарканд.