Вести|

5 ноември 2023, Скопје – Сивата економија годишно ја чини државата колку автопатските делници на Коридорот 8 или на Коридорот 10-д, изградба на четири клинички центри или реконструкција на сите училишни згради во земјава. Доколку целиот неформален сектор се формализира нема да има потреба од задолжување за финансирање на Буџетот. Оттаму, Владата стратегиски пристапува кон решавањето на овој горлив проблем преку петгодишната Стратегија за формализирање на неформалната економија изработена од страна на Министерството за финансии. Предвидено е едновремено јакнење на системот за сузбивање на сивата економија, како и подигнување на даночниот морал и свеста на граѓаните, посочува министерот Фатмир Бесими во својата најнова колумна.

„Неформалната економија е една од најголемите структурни пречки за конвергенција на земјите во развој со развиените економии. Тоа важи и за конвергенцијата на нашата економија со Европската Унија. Износот на даночните приходи со целосно формализирање на неформалниот сектор, без никаква промена во даночната политика, е еднаков на капиталните расходи во Буџетот за годинава. Имено, иако е тешко да се измери, неформалната економија согласно одредени процени изнесува околу 30% од бруто-домашниот производ на нашата земја. БДП за 2023 година е проценет на 14,4 милијарди евра, оттаму вредноста на неформалната економија би изнесувала околу 4,32 милијарди евра. Според груби пресметки, тоа значи дополнителни 795 милиони евра годишни приливи по основ на даночни приходи во Буџетот“, посочува Бесими и додава дека повисоката застапеност на неформалната економија е карактеристична за земјите во развој, а во  земјите од нашето окружување сивата економија се движи околу 30% од БДП.

Министерот за финансии истакнува дека за да се намали, неформалната економија треба да се направи неисплатлива, односно тоа може да се направи преку зголемување на трошоците на неформалниот сектор или ризикот од делување во неформалниот сектор од една страна и преку зголемување на бенефициите во формалниот сектор од друга страна.

„Нашата стратегија се темели на две главни области – првата е системот, а втората се граѓаните. Целта е да се изгради силен систем кој ќе се бори против сивата економија, а едновремено да се зајакне даночниот морал кај граѓаните и свеста дека со сузбивањето на сивата економија вложуваат во својата и во подобра иднина за своите деца“, посочува Бесими. Во рамките на оваа цел предвидени се мерки за изградба на институционална инфраструктура за детектирање, следење и давање насоки за адресирање на неформалните активности, меѓуинституционална соработка, обезбедување статистички податоци и показатели за неформалната економија кои ќе се користат за редовно следење на сивата економија, како и дигитализација на процесите. Исто така, засилено се работи на унaпредување на регулаторната рамка особено во делот на работните односи. Интензивно ќе се работи и на јакнењето на свеста за сивата економија, даночниот морал и довербата во институциите, а дел од активностите ќе се одвиваат преку веќе постоечката платформа vnesiboja.mk. „Се работи и на едукација на општата јавност преку различни алатки за разорното дејство на сивата економија. Во насока на зголемување на довербата на граѓаните и фирмите во институциите и понатаму ќе се јакне транспарентноста и отчетноста на институциите, но и предвидливоста во подготовката на законските решенија што е од особено значење за бизнис-заедницата“, истакнува министерот Бесими.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *