16 ноември 2023, Скопје – Со Предлог-буџетот за 2024 година ја менуваме економската слика во земјата. Имаме проекции за повисоки расходи и приходи, но понизок дефицит и капитални расходи од 733 милиони евра. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за централниот Дневник на МРТ, во кое потенцира дека најважна е структурата на Буџетот.
„Она што е важно е каква е структурата на Буџетот, бидејќи станува збор за пари на граѓаните и стопанството, коишто се собираат преку даноци, а со нив се финансираат сите потреби. Така во Предлог-буџетот за 2024 година имаме многу повисоки позиции во однос на претходната година. Приходите се планирани со раст од 10%, расходите со раст од 5,8%, што значи намалување на дефицитот на 3,4%, којшто во 2020 година, во време на пандемијата на коронавирусот изнесуваше 8% од БДП. Притоа имаме зголемување на капиталните расходи, коишто од 262 милиона евра во 2020 година се зголемуваат на 733 милиони евра или повеќе од двапати. Исто така, имаме и 18% раст во делот на платите“, истакна министерот Бесими.
Тој потенцира дека веќе е воспоставен тренд на реализација на капитални инвестиции од над 70-80% и дека оваа година веќе се реализирани 500 милиони евра инвестиции од планираните 730, коишто се за 95% повисоки во споредба со претходната година.
„Имаме големи инфраструктурни проекти и тоа конкретни проекти како автопатиштата на коридорите 8 и 10д, железничката пруга од Коридорот 8 кон Бугарија, за којашто е доделен грант, како и финансирани проекти од ЕБОР за НОМАГАС, но и во секторите образование, здравство, енергетика. Станува збор за конкретни проекти коишто се веќе во тек и кои ја менуваат економската слика за идната година“ рече Бесими.
Министерот очекува дека реализацијата на планираните капитални расходи, односно јавните инвестиции заедно со инвестициите во приватниот сектор, за кои, исто така, има повеќе програми, ќе бидат моторот за економски раст, кој е проектиран на 3,4%.
„Растот на економијата е проектиран на 3,4%, а врз него најголемо влијание ќе имаат јавните инвестиции кај кои се забележува раст од околу 8%, како и потрошувачката која ќе забележи раст со оглед на зголемувањето на платите. Притоа раст на платите ќе има и наредната година, а воедно инфлацијата е едноцифрена“, посочи Бесими и додаде дека инпут ќе има и приватниот сектор.