17 ноември 2023, Скопје – Земјите од регионот испраќаат силна енергија и изразуваат подготвеност за реализација на Планот за раст на Западен Балкан. Министрите на РС Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ, Косово и Албанија заедно со генералниот директор на Директоратот за соседска политика и преговори за проширување, денеска на првиот состанок што се одржа во земјаваа отворија дискусија и ги дефинираа основите за идните конкретни чекори за негова имплементација преку реформи за кои земјите ќе добијат финансиска поддршка од 6 милијарди евра во наредните 4 години, коишто се тесно поврзани со спроведување на реформите. Ова беше истакнато на првиот Регионален министерски состанок за Планот за раст на ЗБ на кој домаќин беше Владата на РС Македонија.
„Добиваме силна алатка за нашиот европски пат. Станува збор за најамбициозен план на ЕК, којшто е резултат и на нашите долгогодишни барања, а се однесува на искористување на придобивките од процесот на зачленување во ЕУ додека траат преговорите. Ова е првпат да имаме резервирано пари во износ од 860 милиони евра за спроведување на нашата реформска агенда“, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на заедничката прес-конференција со министерот за финансии Фатмир Бесими и генералниот директор на Директоратот за соседска политика и преговори за проширување Јан Копман.
Тој додаде дека реформите ќе се дефинираат заедно со ЕК и дека е важно тие да бидат реални и остварливи. „Не ни треба список на желби, ни треба реален и остварлив план, и уште во првите шест месеци да покажеме добра волја и решеност да ги направиме овие потребни реформи. Индикатори се Извештајот за напредокот, извештаите од скрининг процесот и забелешките што ги добивме, при што треба да дефинираме и рокови во кои тие треба да се завршат. Секако, не очекуваме да решиме сѐ во првите шест месеци, тоа ќе се одвива во повеќе фази, но со реализацијата на првата фаза ќе дојде и исплатата на првата транша од средствата“, истакна Маричиќ.
Средствата, како што појасни министерот за финансии Фатмир Бесими, половина ќе бидат наменети за буџетска поддршка, а половина за инвестиции.
„Што ќе ни донесе Планот нам, на граѓаните и на стопанството, и што значат тие 6 милијарди евра за нас? Станува збор за 2 милијарди евра грант од граѓаните на ЕУ во нашите буџети, а 4 милијарди евра ќе бидат дополнителни заеми под поволни услови и подолг период на доспевање споредено со она како се финансираме на меѓународните пазари. Со Планот се дава поголем фокус на спроведување на реформите и поголема финансиска поддршка за да го реализираме побрзо она што веќе го работиме со ЕУ во рамки на Економскиот и финансиски дијалог“, рече Бесими.
Според Бесими ова е План за финансирање на реформите за раст и смета дека она што охрабрува од денешната дискусија е дека тој е дополнување на сето тоа што го правиме низ разните процеси за реформските агенди, националните развојни стратегии, а сѐ со цел забрзување на процесите и искористување на синергијата меѓу нив.
Копман ја оцени денешната дискусија како одлична и попродуктивна од очекуваното.
„Одлично почнавме и можам да честитам за енергијата и далековидоста што ја покажавте денеска.
Имавме одлична дискусија со министрите од сите земји и таа беше попродуктивна од тоа што очекувавме. Она што треба да се постигне со Планот е двојно зголемување на вашиот раст и тој да достигне 12 илјади евра по жител. Тоа ќе се постигне со интегрирање во внатрешниот пазар на ЕУ, со помагање да ги интегрирате вашите пазари помеѓу себе, со поддржани инвестиции до 6 милијарди евра“, рече Копман на прес-конференцијата.
Истакна дека станува збор за амбициозен план и дека енергијата споделена на денешниот состанок ветува многу. „Сѐ уште има многу да се работи, но ќе продолжиме со разговорите во Брисел наредната недела. Се договоривме да комуницираме, а притоа сакам да ѝ честитам на Владата што презема иницијатива којашто е бесценета. Планот за раст на ЗБ ќе го забрза вашиот претпристапен процес. Гледам дека планирате реформи и сѐ поблиску сте до влегувањето во ЕУ. Ние сакаме Западен Балкан да го приклучиме во ЕУ“, рече генералниот директор на Директоратот за соседска политика и преговори за проширување и додаде дека спроведувањето на реформите е суштинско за Планот за раст и дека тие треба да се имплементираат за да се обезбеди финансиската поддршка.
„Парите се доделуваат доколку се спроведуваат реформите согласно реформската агенда одобрена од ЕУ и тоа сакаме да придонесе кон забрзување на процесот на евроинтеграција на регионот“, порача Копман.
Регионалниот министерски состанок беше прв состанок по усвојувањето на Планот за раст на ЗБ, на кој присуствуваа министри и главни преговарачи од РС Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово. Ова е само почеток на дијалогот што ќе следи во наредниот период.