18 ноември 2023, Скопје – Европската перспектива на нашата земја е јасна и извесна. Планот за раст на Западен Балкан е препознаен од страна на функционерите, политичарите и аналитичарите, кај нас, во регионот и во Европа, како брза лента на патот за евроинтеграција на земјите од регионот. Овој план е значаен политички и финансиски влог на Европската Унија во регионот. Една многу важна порака од ЕУ кон РС Македонија е дека ние сме стартната точка од каде што започнуваат активностите за реализација на Планот. Вчера во Владата беше одржан првиот Регионален министерски состанок на земјите од Западен Балкан, посветен на презентација на Планот на ЕУ за раст на регионот. Заедно со вицепремиерот за европски прашања бевме домаќини на генералниот директор на Директоратот за соседска политика и проширување Јан Копман, како и на министрите од Србија, Црна Гора, БиХ, Косово и Албанија и главните преговарачи за евроинтеграцискиот процес во регионот. Ова е исклучително охрабрувачка порака во поглед на нашата европска перспектива.
Започнуваме нов циклус за забрзана социоекономска конверегенција на земјите од регионот кон Европската Унија. Исклучително сум задоволен што со колегите од регионот го делиме истиот порив за побрзо ефектуирање на Планот, преку подготовка на реформските агенди и ставање на Планот во функција од почетокот на следната година. Ни претстои многу работа, но напорната работа секогаш се наградува. Се потсетив на оној познат цитат на Едисон „Некој не ги препознава шансите, бидејќи се облечени во работно одело и личат на работа“. Затоа потенцирам, Планот е шанса – многу работа, висок влог и очекувања, а на крајот соодветна награда. Како што спомна г-динот Копман на вчерашниот состанок, по спроведувањето на Планот за раст на Западен Балкан, БДП-то по глава на жител треба да се удвои, односно од просечни шест илјади евра по глава на жител во регионот, на просечни 12 илјади евра по глава на жител во следните десет години. Ова е одлична, всушност една од најреалните можности за да се забрза растот во регионот и конверегенцијата кон ЕУ.
Јавноста веќе е информирана за Планот за раст на Западен Балкан. Првпат беше спомнат пред пет месеци од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Можноста да се ползуваат придобивките од ЕУ, уште пред да станеме нејзина членка, веднаш ги заинтригира политичките и економските аналитичари. Зборуваме за регионална економија со нешто над 100 милијарди евра БДП и 17 милиони жители, којашто претендира да се приклучи на пазар од 450 милиони жители, со БДП над 15 трилиони евра, односно БДП на земјите од регионот во однос на ЕУ е само 0,6%.
Што нуди Планот за раст на Западен Балкан?
На 8 ноември Европската комисија го усвои новиот План за раст на Западен Балкан, со кој на земјите од регионот ќе им биде дадена можност да користат дел од придобивките на ЕУ уште пред да станат нејзини членки, со цел да се поттикне економскиот раст и да се забрза социоекономската конвергенција. Исто така, донесена е и Регулатива за воспоставување Финансиски инструмент за реформи и раст на Западен Балкан, преку кој ќе се ефектуира финансиската поддршка во износ од 6 милијарди евра, којашто е дел од овој план. Целта е да се поддржат земјите кандидати за членство или аспиранти за кандидатски статус да ги забрзаат реформите и да се зголеми нивниот економски потенцијал со цел побрз напредок во евроинтеграцискиот процес.
Планот се состои од четири столба: 1) Зголемување на економската интеграција со единствениот пазар на Европската Унија; 2) Поттикнување на регионалната економска интеграција на Западен Балкан; 3) Забрзување на структурните реформи и поддршка на евроинтеграцискиот процес на Западен Балкан, подобрување на одржливоста на економскиот раст, привлекување странски инвестиции и зајакнување на регионалната стабилност и 4) Зголемување на финансиската поддршка за реформи и раст на земјите во регионот преку Фондот за реформи и раст.
Отворање на единствениот пазар на ЕУ за земјите од Западен Балкан
Интеграцијата во единствениот пазар на ЕУ беше движечката сила за забрзување на економскиот раст кај сите нови земји членки. Да бидам сликовит, ако ЕУ беше возило, единствениот европски пазар ќе беше моторот. Приближувањето на земјите од регионот кон единствениот пазар на ЕУ би претставувало придобивка за сите граѓани од регионот. Всушност, ова е најсуштинскиот дел од Планот за раст на Западен Балкан. Во Планот се идентификувани седум првични приоритетни области, кои може да се отворат за земјите од Западен Балкан: 1) слободно движење на стоки, 2) слободно движење на услуги и работници, 3) пристап до Единствената европска платежна област, 4) интегрирање на патниот транспорт, 5) интегрирање на енергетските пазари, 6) единствен дигитален пазар и 7) интеграција во индустриските синџири на снабдување. Принципот на отклучување на овие сегменти е таков што кога земјите од ЗБ ќе постигнат одредено ниво на подготвеност ќе им биде отклучен одделен сегмент од пазарот на ЕУ, односно тоа ќе зависи од усогласеноста со директивите и регулативата на ЕУ (законодавството на ЕУ). Притоа мора да се нагласи дека добар дел од работата ќе биде завршена преку активностите што се преземаат во контекст на заедничкиот регионален пазар, чие унапредување е повторно предуслов за пристап кон единствениот пазар на ЕУ. Како што наведуваат и од Европската комисија „Партнерите кои не се целосно посветени кон заедничкиот регионален пазар, нема да можат да очекуваат да ги ползуваат придобивките од Планот за раст и можностите за интеграција во единствениот пазар на ЕУ“. Она што е исто така важно е дека ниту една од земјите нема да може да ги блокира другите пет за пристап до единствениот пазар на ЕУ.
Малку подетално за пристапот до единствениот пазар на ЕУ
Бидејќи е најважната придобивка од Планот за раст на Западен Балкан, малку повеќе ќе се осврнам на тоа што значат седумте приоритетни области од првиот столб. Планот на Унијата за првиот столб ги опфаќа четирите слободи на единствениот пазар на ЕУ, односно слободно движење на стоки, услуги, работници и капитал, како и одредени подсегменти на пазарот.
Кај слободното движење на стоки, Планот вклучува договори за отклучување на единствениот пазар на ЕУ за стоки произведени во регионот на Западен Балкан, по усогласувањето со релевантното законодавство на ЕУ. Понатаму, предвидена е подобрена царинска и даночна соработка за да се намали времето на чекање на границите, што ќе придонесе кон намалување на извозните трошоци (Светската банка во една своја студија дојде до податок дека намалувањето на времето на чекање за три часа е еднакво на намалување на тарифите за 2%). Исто така, се предвидува вклучување на земјите од регионот во Конвенцијата за заеднички транзит.
Можноста за слободно движење на услуги вклучува услуги поврзани со е-трговија, како што се услугите за испорака на пакети, но и туристичките услуги. Дополнително, во однос на слободното движење на работници, ЕК го темели својот план врз основа на договорите за мобилност на заедничкиот регионален пазар, вклучувајќи го и признавањето на професионалните квалификации на лекарите, стоматолозите, ветеринарните хирурзи, фармацевтите, медицинските сестри и акушерки, како и слободата за движење со лични карти на територијата на Западен Балкан.
Учеството во Единствената европска платежна област (СЕПА) ќе биде огромна придобивка за граѓаните и бизнисот преку зголемување на прекуграничната трговија. Преку понатамошно усогласување на националната регулатива, но и на техничките карактеристики, ќе се овозможи земјите од Западен Балкан да пристапат кон СЕПА.
Олеснувањето на патниот сообраќај се однесува на поддршката на земјите од Западен Балкан за понатамошно интегрирање во регионот преку усвојување на релевантното законодавство на ЕУ и давање пристап до соодветните информациски системи на ЕУ. ЕУ би можела понатаму да го олесни транспортот со Западен Балкан преку посебен договор, кој ќе биде дополнување на договорите за стабилизација и асоцијација.
Интеграцијата на енергетските пазари е замислено преку интеграција на регионалниот пазар на електрична енергија со оној на ЕУ.
Интеграцијата кон единствениот дигитален пазар на ЕУ беше еден од сегментите на единствениот пазар на ЕУ за кој уште на почетокот беше посочено дека ќе биде отворен за земјите од регионот. Ќе се разгледа можноста за продолжување на договорот помеѓу регионот и ЕУ за намалување на трошоците за роаминг, а исто така ќе се зајакне соработката во областа на сајбер безбедноста, но и при интегрирањето на европскиот пазар за дигитални доверливи услуги, како што е дигиталниот иденитет и сл.
Интеграцијата во индустриските синџири на снабдување вклучува развој на стратешки партнерства кај синџирите на вредност на одржливи суровини (вклучувајќи батерии) и снабдување со одредени критични лекови.
Регионална интеграција за дополнителни 10% економски раст
Иако повеќе простор посветив на образложувањето на поволностите од единствениот пазар на ЕУ, мора да се напомене дека исклучителен потенцијал за раст носи и регионалната интеграција, која е всушност вториот столб од Планот за раст на ЗБ. Според една студија на Светската банка, БДП на регионот може да се зголеми во просек за 10%, како резултат на регионалната интеграција. Исто така, заедничкиот регионален пазар се заснова на правилата и стандардите на ЕУ, оттаму е значаен механизам за напредок во пристапните преговори. Наједноставно речено, ЕУ ќе ни обезбеди можности за интеграција кон нејзиниот единствен пазар доколку прво ја завршиме задачата за регионална економска интеграција.
Финансиски пакет од 6 милијарди евра
Тука веќе се надоврзуваме на третиот и четвртиот столб од Планот за раст на Западен Балкан, односно реализацијата на реформите и соодветна финансиска поддршка која ќе се отклучи по исполнувањето на тие реформи. Имено, ЕУ ќе обезбеди финансиска поддршка од 6 милијарди евра за следниот четиригодишен период од кои 2 милијарди евра во форма на неповратни грантови и 4 милијарди евра во форма на заеми со поволни услови, кои ќе се обезбедат со ребаланс на повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ. Од овие средства, 3 милијарди евра ќе бидат достапни како директни заеми за националните буџети, додека 3 милијарди евра ќе бидат наменски за поддршка на инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ). Овие средства ќе бидат насочени кон инвестиции во транспортот, енергетиката, дигитализацијата, едукацијата и развојот на вештини, додека 37% од грантовите ќе бидат насочени кон зелени проекти, односно за исполнување на климатските цели. Исплатите ќе се вршат двапти годишно, согласно исполнувањето на социоекономските реформи од страна на земјите.
Реформска агенда
Кај нас, реализацијата на третиот и четвртиот столб ќе ја следи Министерството за финансии, кое ќе биде координатор на Реформската агенда. Реформската агенда ќе се однесува на структурните реформи од најновата Програма на економски реформи (ПЕР) и поврзаните Заеднички заклучоци договорени на Економскиот и финансиски дијалог, како и од ревидираната методологија за проширување, најновиот пакет за проширување и од Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан. Таа ќе идентификува приоритетни реформи, кои ќе служат како услови за ослободување финансиски средства од ЕУ, според однапред утврдена временска динамика.
По усвојувањето на Реформската агенда од страна на ЕК, Министерството за финансии на секои 6 месеци ќе поднесува барање до ЕУ за повлекување средства, додека ЕУ ќе следи дали се исполнети условите за траншата и во согласност со тоа целосно или делумно ќе ослободува средства, според степенот на исполнување на условите.
Се очекува за Северна Македонија да бидат доделени 860 милиони евра, од кои околу една третина треба да бидат неповратна поддршка за инфраструктурни инвестиции.
Ветер в грб за економиите од регионот
Поддршката од ЕУ преку овој План за раст е значаен ветер в грб за економиите на Западен Балкан, коишто се економии во развој, кои не така одамна го минаа транзицискиот период, а потоа се соочија и со голем број кризи од глобален карактер и геополитички кризи, кои дополнително го оптоварија процесот на конвергенција.
Сепак, овие економии се покажаа како жилави. Последните кризи, од пандемијата наваму, земјите од Западен Балкан успеаја да ги пребродат успешно и притоа да се задржат на патеката на раст и приближување кон поразвиените економии (иако побавно од посакуваното). На пример, од средината на 2022 и во текот на 2023 година пазарот на труд во регионот зајакна со нови 103000 работни места. Но, структурни пречки постојат и тие треба да се адресираат, вклучително и на пазарот на труд (значаен родов јаз и сѐ поголем недостаток на работна сила). Тука се и климатските промени и нивното влијание врз повеќе економски гранки, фискалната одржливост, дигитализацијата и унапредувањето на државниот апарат, како дел од структурните предизвици на кои треба што поскоро соодветно да се одговори.
На крајот, би сакал да истакнам дека сега имаме историска шанса и од аспект на напредување во евроинтеграцискиот процес и од аспект на обезбедување социоекономски услови согласно примерот на ЕУ. Треба да работиме напорно и да имаме општа свест за да ја искористиме оваа шанса. Секој функционер, државен службеник, политичар, општествен чинител и граѓанин треба да ја препознае својата улога и одговорност во создавањето подобро утре во оваа држава. Тоа значи да ја донесеме ЕУ дома, односно општество и економија кои ќе функционираат според европски вредности и правила, а тоа значи станување дел од ЕУ што е можно побргу. Европа дома – Побрзо!