Вести|

26 ноември 2023, Скопје – Буџетот за 2024 година е скроен според „златното правило“ во јавните финансии – ако се задолжувате, тоа да биде само за инвестиции. Проектираните капитални инвестиции изнесуваат  околу 45 милијарди денари, или за 11,5 милијарди денари (187 милиони евра) повеќе од буџетскиот дефицит. Од друга страна, буџетскиот дефицит во Буџетот за 2024 година е намален скоро за една третина во однос на проекцијата за годинава. Проекциите на среден рок се буџетскиот дефицит да падне под Мастришките критериуми, посочува министерот Фатмир Бесими во својата најнова колумна посветена на Буџетот за 2024 година.

Буџетскиот дефицит е проектиран на 3,4% од БДП (од тоа само половина е примарниот дефицит, односно 1,7% од БДП, додека другата половина од дефицитот оди за плаќање на каматите за долгот акумулиран од минатото до сега). Ова ниво соодветствува со среднорочните проекции опфатени во Фискалната стратегија до 2028 година, каде што се предвидува буџетскиот дефицит во 2025 и 2026 година да се сведе на 3% или во согласност со Мастришките критериуми, додека во 2027 и 2028 година да падне и под 3%, односно на 2,8% и 2,5%, респективно.

„Развој и одржливост – тоа се двата клучни збора што го опишуваат Буџетот за 2024 година. Буџетот за 2024 година е развоен, поради силниот инвестициски циклус во инфраструктурата кој продолжува следната година. Тој е и одржлив, бидејќи и покрај високата инфраструктурна компонента продолжуваме со фискалната консолидација“, истакнува министерот за финансии.

Планирани се значајни инвестициски вложувања во областа на патната инфраструктура, поврзани со проектирање и изградба на Коридорот 8, односно проширување на автопатот Тетово – Гостивар, изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делницата Гостивар – Букојчани и на Коридорот 10д, односно изведба на делницата Прилеп – Битола и подготовка на физибилити студија за изградба на патот Тетово – Призрен. Планирано е  и продоложување на изградбата на источниот дел од патниот Коридор 8, делницата Ранковце – Крива Паланка и делницата до границата со Бугарија, како и на западниот дел од овој коридор, поточно делницата Кичево – Букојчани. Воедно, ќе се работи и на автопатот Скопје – Блаце. Ќе продолжи и изградбата и рехабилитацијата на источниот дел од железничката пруга на Коридорот 8, како и изградбата на заеднички железнички граничен премин со Република Србија. Во Буџетот се проектирани средства и за голем број други капитални проекти во делот на комуналната инфраструктура и управувањето со отпад, енергетската ефикасност, потоа проекти за уредување на технолошко индустриските развојни зони, за здравствениот и образовниот сектор, детската заштита и спортот, земјоделскиот сектор, како и за воведување на Интегрираниот даночен информациски систем и на Информацискиот систем за управување со државна помош, како дел од концептот на СМАРТ финансии.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *