12 декември 2023, Скопје – Обезбедени се над 560 милиони евра за реализација на крупни проекти во железничката инфраструктура. Петстотини милиони евра се за реализација на третата фаза од железничката пруга на Коридорот 8 кон Република Бугарија, а 7,5 милиони евра за изградба на заеднички железнички премин на Табановце. Средствата за реализација на овие проекти се обезбедени преку Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, Инвестициската рамка за Западен Балкан – ВБИФ и од програмата ИПА. Законските решенија за реализација на овие финансиски средства беа усвоени вчера од страна на Собранието, а денеска беа тема на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со претставниците на две финансиски институции во земјава, Фатих Туркменоглу од ЕБОР и Габриел Бјорн од ЕИБ.
„Владата и Министерството за финансии се силно посветени на реализација на крупни инфраструктурни проекти кои ќе обезбедат развој на државата. Во таа насока, посветено се работи и на обезбедување финансиски средства за реализација на вакви крупни инфраструктурни проекти кои ќе имаат придонес во економскиот раст не само додека се одвива нивната реализација, туку и долгорочно, преку нивното значење во поврзувањето и олеснувањето на транспортот. Затоа во последните неколку години во буџетите се проектираат високи износи на капитални инвестиции, кои годинава и следната се двапати повисоки во однос на 2020 година“, рече министерот Бесими.
Тој се заблагодари на ЕИБ и ЕБОР за обезбедените финансиски средства за реализација на овие големи капитални проекти и за севкупната поддршка што ја обезбедуваат овие две меѓународни финансиски институции за нашата земја, која заедно достигнува скоро 4 милијарди евра.
За реализација на Проектот за железничкиот Коридор 8 – фаза 3, делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија обезбедени се 175 милиони евра од ЕБОР и 175 милиони евра од ЕИБ. За реализација на овој проект 149,2 милиона евра се инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан – ВБИФ, а 60,77 милиони евра се грант од ИПА 2. Со овој проект ќе се обезбеди целосно завршување на изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8 до границата со Република Бугарија.
Во однос на проектот за изградба на заеднички железнички премин на Табановце со Република Србија, обезбедени се 5 милиони евра од ЕБОР и 2,5 милиони евра грант од ВБИФ.
Во наредниот период се очекува да бидат потпишани финансиските договори со ЕИБ, ЕБОР и ЕУ.