13 декември 2023, Скопје – Сто милиони евра макрофинансиска поддршка од ЕУ стануваат достапни за Република Северна Македонија. Во Собранието е изгласано законското решение со кое се овозможува потпишување договор помеѓу РС Македонија и ЕУ, по што средствата ќе бидат доделени во две транши во период од две години.
„Средствата од ЕУ ќе можеме да ги користиме за резерви, за интервенција на пазарот на девизи или како директна поддршка за Буџетот со цел справување со ризиците што произлегуваат од кризата. Ова е значајна поддршка во време на криза, особено што условите по кои се обезбедуваат се поволни и овозможуваат заштеди за нашиот Буџет“, вели министерот за финансии Фатмир Бесими кој упати благодарност до ЕУ и до граѓаните на ЕУ за изразената солидарност со нашата земја.
Во 2020 и 2021 година РС Македонија веќе користеше 160 милиони евра макрофинансиска поддршка од ЕУ за справување со последиците од Ковид-19. Ова е инструмент на ЕУ наменет за помош на земјите во враќањето на одржлива надворешна финансиска состојба, истовремено поттикнувајќи ги економските прилагодувања и структурните реформи.
Новиот заем од 100 милиони евра ќе биде повлечен во две транши од по 50 милиони евра и тоа во 2024 и 2025 година.
„Можноста за користење на овие средства претставува дополнување на претходно обезбеденото финансирање од Меѓународниот монетарен фонд коешто се засноваше на здравите политики што ги води земјата. Тие се потврда за нашите напори за спроведување на реформите, имајќи предвид дека се поврзани со напредокот во нашата европска интеграција и обврските кон ММФ“, вели министерот Бесими.
Покрај Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската Унија по Договор за заем за макрофинансиска поддршка на Република Северна Македонија, беа усвоени и законски решенија со кои се обезбедуваат поволни средства за справување со последиците од кризата, и тоа од КфВ банка, Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка и Фондот за меѓународен развој во рамки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) по Договорот за заем за Програмата за одржливост и отпорност.
Од КфВ се обезбедуваат 90 милиони евра за надминување на енергетската криза и кризата предизвикана од војната во Украина, што доведе до зголемување на цените на производите, како во светот, така и во Република Северна Македонија. Од Фондот за меѓународен развој во рамки на ОПЕК се обезбедуваат 50 милиони евра поволни средства насочени кон подобрување на квалитетот на испорака на јавни услуги, попродуктивни работни места во приватниот сектор и зголемена климатска отпорност. Исто така, обезбедени се и 27,5 милиони евра од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка за продолжување на започнатите реформи на системот за социјална и детска заштита.