4 јануари 2024, Скопје – „Буџетот за 2023 година е реализиран согласно планот и се одликува со историски највисока реализација на капитални инвестиции, и тоа и по сума и по процент на реализација. Реализирани се 707 милиони евра капитални инвестиции или 97% во однос на планот. Буџетскиот дефицит изнесува 4,67% од БДП што е на пониско ниво од проекцијата (4,8%), а јавниот долг 59,3% што е на пониско ниво и од планот и од фискалните правила.“
Ова го соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната средба со новинарите, на која потенцира дека ова е прва фискална година после 12 години во која не е извршен ребаланс на Буџетот.
„Реализацијата на вкупните приходи е 98,3%, а на расходите 98,1%. Реализацијата на капиталните расходи односно на инвестициите е 43,5 милијарди денари или 707 милиони евра што претставува 97% реализација во однос на планот, поточно 4,9% од БДП и 52% повеќе од 2022 година“, истакна министерот и додаде дека во последните десет години ова е рекордна реализација на капиталните расходи во однос на планот.
Она што е важно, како што напомена, е дека капиталните расходи заземаат значително место во структурата на Буџетот. Она што беше најавено во 2023 година воедно е и остварено, а тоа е дека капиталните расходи се реализирани на ниво повисоко од буџетскиот дефицит којшто е реализиран на ниво од 41,423 милијарди денари.
„Ова значи дека задолжувањата се направени само за инвестиции, а притоа се продолжи со определбата за фискална консолидација. Односно, буџетскиот дефицит е на ниво од 4,67% од БДП што е пониско од проектираното (4,8% од БДП). Ваквиот тренд трае од 2020 година. Буџетски дефицит во 2020 година е релизиран на ниво од 8% од БДП (проектиран 8,4%), во 2021 година 5,4% (проектиран 6,1%), а во 2022 е реализиран на ниво од 4,5% од БДП (проектиран на 5,4% од БДП). Овој тренд продолжува и во 2024 година, поточно тој е проектиран на ниво од 3,4% што е согласно фискалните правила, особено ако се земе предвид дека 0,4% од дефицитот е за спроведување антикризни мерки“, појасни министерот Бесими.
Напомена дека покрај зголемување на средствата за инвестиции, повеќе средства се одвоени и за поддршка на стопанството и на граѓаните, односно 5,2 милијарди денари за компаниите, 8,8 милијарди денари за исплата на субвенции во земјоделството, 1,97 милијарди денари за субвенции во образованието, 874 милиони денари за субвенции во културата и 185 милиони денари за субвенции во спортот. Повеќе средства се трансферирани и до единиците на локалната самоуправа, односно 27,7 милијарди денари.
Министерот посочи и на реализираната поддршка за справување со кризата и на поддршката на стопанството и граѓаните во износ од 5,5 милијарди денари.
„Главниот аспект е постигнат. Буџетот е во рамки на планот, остварувањата се балансирани на ниво на приходи и расходи, финансирањето е обезбедено со понизок трошок, а капиталните расходи се на пониско ниво од дефицитот“, рече министерот и додаде дека ваквата реализација е солидна основа за економски развој во наредниот период.