Вести|

18 јануари 2024, Скопје – Седумнаесет реформски  мерки во шест структурни реформи содржи новата Програма на економски реформи (ПЕР) 2024-2026 која Министерството за финансии ја подготви заедно со другите институции, а ја усвои Владата на последната седница. Реформите, кои се како приоритети поставени во ПЕР 2024-2026 година, се насочени кон зајакнување на конкурентноста на земјата, одржливоста и отпорноста на економијата, како и зајакнување на човечкиот капитал и социјалните политики.

„Програмата на економски реформи 2024-2026 година е 10-ти циклус што го спроведуваме заедно со ЕУ во која се утврдуваат реформите на нашиот евроинтеграциски пат. Значајно е што оваа Програма ќе биде основа за подготовка на Реформската агенда за Северна Македонија согласно новиот План за раст на Западен Балкан. Тоа е процес во кој веќе имаме искуство, поминати се веќе девет циклуси на Економскиот и финансиски дијалог со ЕУ во кој се подготвува ПЕР и тој процес успешно го координираме. Тоа искуство ни  е основата со која влегуваме во подготовка на нашата Реформска агенда за новиот План за раст на Западен Балкан, кој треба да даде забрзана динамика на спроведување на клучните реформи“, истакнува министерот за финансии Фатмир Бесими.

Поволно деловно окружување и понатамошна интеграција во единствениот пазар на ЕУ, обезбедување стабилно и одржливо снабдување со храна, зајакнување на отпорноста кон климатските промени и намалување на загадувањето на животната средина, градење ефикасни дигитални јавни услуги, подобрување на ефикасноста на работната сила и понатамошно спроведување на пакетот социјални реформи се утврдените шест структурни реформи во Програмата на економски реформи. Со цел нивно имплементирање, ПЕР 2024-2026 содржи 17 реформски мерки, меѓу кои воведување механизми за формализација на неформалната работа, поддршка за развој на иновациски еко систем, усогласување со правото на ЕУ во областа на единствениот пазар, модернизација на постбербени технологии и процесите во трговијата со земјоделски производи, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, справување со цврст отпад и отпадни води, проширување на опсегот на дигиталните јавни услуги, дигитална трансформација на УЈП, развој на системот на квалификации, подобрување на флексибилноста на пазарот на труд, подобрување на здравствената заштита и друго.

Имплементацијата на сите овие мерки треба да придонесе кон намалување на неформално вработените лица во вкупниот број на вработени лица на 9% до 2026 година, зголемување на учеството на обновливи извори на енергија во финалната потрошувачка на 29% до 2025 година, достапни 550 услуги на порталот е-услуги до 2025 година, целосно дигитализирање на услугите на даночните обврзници до 2026 година и слично.

Програмата на економски реформи е кохерентен стратешки документ,  кој  е заеднички резултат на ангажираноста на повеќе институции во повеќемесечен период, а целокупната подготовка се координира од страна на Министерството за финансии. Во изборот на клучните секторски структурни реформи кои стануваат дел од Програмата,  институциите ги имаат предвид предизвиците и проблемите во соодветните области, со чие надминување се влијае врз зголемување на конкурентноста и економскиот раст на земјата, како и на создавањето на работни места.

Програмата на економски реформи ги зема предвид препораките од Извештајот на ЕК и е  во согласност со Програмата за работа на Владата, Ревидираната фискална стратегија, Ревидирана стратегија за управување со јавниот долг  и Буџетот на Република Северна Македонија, како и останати национални стратешки документи. Исто така, ПЕР е во согласност со Целите за одржлив развој на Обединетите нации, Повеќегодишниот акциски план за регионално економско поврзување на земјите од Западен Балкан, ЕУ: Зелената агенда, Дигиталната агенда и Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан.

Министерството за финансии, како координатор на процесот, по усвојувањето на ПЕР 2024-2026 година од страна на Владата, ја достави истата до Европската комисија, по што започнува процесот на разгледување и оценски мисии и донесување нови заеднички заклучоци во рамки на Економско-финансискиот дијалог.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *