Вести|

22 јануари 2024, Скопје – Приоритетите и реформите што ги спроведуваме и нѐ водат по патот до ЕУ, но и до побрз развој, раст, подобар животен стандард и за кои добиваме поддршка од ЕУ и од Европската банка за обнова и развој беа тема на денешната средба помеѓу министерот за финансии Фатмир Бесими и директорката на ЕБОР за Централна и Југоисточна Европа, Шарлот Руе.

„Денеска РС Македонија е домаќин на лидерски состанок посветен на Планот за раст на Западен Балкан. Активностите што ги спроведуваат сите засегнати страни за реализација на овој значаен инструмент се одвиваат со забрзана динамика, а овој состанок треба да биде дополнителен импулс во неговата реализација. Како земја што е дел од регионот, а со тоа и вклучена во Планот за раст, имаме сериозен и одговорен пристап во неговата реализација. Станува збор за реформи што ни претстојат, реформи кои ги дефинираме и за кои добиваме поддршка од нашите партнери ЕУ и ЕБОР “, рече министерот Бесими.

Тој изрази благодарност за поддршката што ја добиваме од оваа меѓународна финансиска институција, поддршка на патот кон нашиот напредок и при реализацијата на навистина крупни инфраструктурни проекти. „Само пред еден месец, заедно со ЕИБ, ЕБОР, ЕУ преку ВБИФ и програмата ИПА го заокруживме финансирањето на последната делница од изградбата на железничката пруга кон Бугарија. Со поддршката од овие европски финансиски институции обезбедивме средства за заокружување на проектот кој со децении се реализира. На листата се наоѓаат и многу други проекти, но пред сѐ очекуваме поддршка во енергетскиот сектор, односно за нашата транзиција кон производство на зелена енергија“, рече министерот Бесими.

На средбата стана збор за дополнително финансирање од околу 100 милиони евра за изградбата на гасниот интерконектор со Грција, значаен проект за земјава кој ќе обезбеди стабилност во снабдувањето и диверзификацијата на изворите, и на цевководите Свети Николе – Велес и Гостивар – Кичево.

Со поддршка од ЕБОР досега во земјава се спроведени 175 проекти во вредност од 2,7 милијарди евра од кои 87% се во јавниот сектор. Во моментов, портфолиото на проекти коишто се во фаза на реализација изнесува 819 милиони евра, а меѓу нив се автопатските делници Букојчани – Кичево  и Крива Паланка – граничен премин со Бугарија, како и железничката пруга од Куманово кон Бугарија, сите дел од Коридорот 8, потоа автопатската делница Скопје – Блаце,  заедничкиот граничен премин со Р Србија – Табановце, проекти за пречистителни станици, регионални депонии, фотоволтаични централи и сл.

Средбата се одржа во Скопје, на маргините на лидерскиот состанок на земјите од регионот со претставници од ЕУ, САД и меѓународни институции, којшто беше посветен на Планот за раст на Западен Балкан.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *