Вести|

30 јануари 2024, Скопје – Нова потврда за конзистентноста на политиките на Владата за фискалната одржливост и перспективи за економски раст. И покрај неповолните надворешни влијанија, РС Македонија го задржа кредитниот рејтинг ББ- со стабилен изглед доделен од страна на Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандар и Пурс“. Агенцијата очекува забрзан економски раст, умерено ниво на јавен долг и фискална консолидација. Позитивно влијание се очекува од напредокот на процесот за евроинтеграцијата.

Во најновиот извештај, „Стандард и пурс“ очекува растот на БДП да забрза во 2024 година и тој раст да дојде на нивото од 2,9% (2% во 2023 година), поттикнат од посилната лична потрошувачка, поддржана од реалниот раст на платите, тековните инфраструктурни проекти, вклучително коридорите 8 и 10д, како и растот на извозот. Според Агенцијата, потенцијалите за раст во земјата ги неутрализираат неповолните влијанија од случувањата кај главните трговски партнери, пред сѐ Германија. Јавниот долг ќе остане на умерено ниво и ќе се стабилизира на ниво од околу 53% од БДП во периодот 2024 – 2027 година. Агенцијата оценува дека се преземени активности за соодветно управување и со каматните плаќања и дека тие се пониски во однос на многу други земји со сличен кредитен рејтинг.

Од „Стандард и Пурс“ посочуваат и на напорите за фискална консолидација. Со усвоениот Буџет за 2024 година буџетскиот дефицит којшто е проектиран на 3,4% покажува намалување во однос на дефицитот од 2023 година којшто изнесуваше 4,6% од БДП. Агенцијата очекува тој тренд на буџетска консолидација да продолжи со фокусот на Владата врз економскиот раст и реализација на инфраструктурните проекти. Клучно за фискалната консолидација, според „Стандард и Пурс“, е строго придржување до правилата од новиот Закон за буџети.

Членството во ЕУ го посочуваат како клучен фактор за долгорочен структурен и институционален развој, поддршка на економскиот раст и справување со емиграциските предизвици. Клучно е спроведувањето на структурните реформи, а меѓу ризик факторите е нотирано надворешното влијание, изборниот циклус и условите на финансиските пазари. Во однос на инфлацијата посочуваат на наглото забавување во декември 2023 година и очекуваат нејзино стабилизирање.

Посочена е и важноста на добиената потврда од ММФ за првиот преглед на ПЛЛ и достапноста на средства од оваа програма, како и од други извори на финансирање.
Од почетокот на годината, политиките на земјата, покрај со потврдениот кредитен рејтинг од оваа Агенција, добија потврда и од ММФ и од Светската банка со новопотпишаната Рамка за партнерство.
Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа и е еден од клучните индикатори кои потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *