8 октомври 2024, Скопје – Денеска во Будимпешта беше потпишан Договорот за заем со унгарската Експорт – импорт банка. Договорот во име на Владата, а во согласност со Законот за задолжување на РС Македонија со заем кај унгарската Експорт – импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, по Договор за заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели, го потпиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Со потпишување на Договорот обезбедуваме 500 милиони евра за буџетска поддршка, за поддршка на локалниот развој преку проекти во општините, како и за поддршка на економијата. Тоа беше повеќе од потребно за нашата економија, која во првиот квартал имаше многу слаба економска активност и бараше мерки кои ќе ја раздвижат и забрзаат економската активност. Исто така, и реализацијата на проектите во општините претставува неопходност затоа што и тие ќе имаат позитивно влијание врз економската активност, а дополнително со нив ќе решиме и горливи проблеми на граѓаните“, рече министерката за финансии по потпишувањето на Договорот.
Заемот, како што истакна, се обезбедува по поволни услови, со рок на отплата од 15 години, со вклучен грејс период од 3 години и каматна стапка од 3,25%.
„Одлуката на Владата да го обезбеди планираното надворешно задолжување со Буџетот за 2024 година преку билатерален заем од Унгарија, наместо со издавање нова еврообврзница, произлезе како резултат на поволните услови што ги добивме и заштедата што ја правиме само по основ на каматата. Каматните стапки по кои би ја добиле оваа сума на меѓународниот пазар е околу 6% и тоа е голема заштеда по Буџетот по овој основ, односно заштеда од околу 14 милиони евра на годишно ниво. Дополнително и рочноста дава предност и помал ризик од потреба за рефинансирање“, рече Димитриеска-Кочоска, која додаде дека ваквите услови се резултат и на политиките што ги води Владата, а за што, минатата недела добивме потврда и од Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, чија улога е многу значајна за каматните стапки што ги добива земјата при задолжување на финансиските пазари.
Според министерката, она што треба да се потенцира е дека делот од заемот кој ќе оди кон компаниите ќе биде пласиран исто така по поволни услови, што ќе влијае врз отпочнувањето на еден инвестициски цисклус во приватниот сектор во износ од над 500 милиони евра, со кој ќе се обезбедат повисоки стапки на економски раст.
Средствата, како што рече, треба да бидат префрлени на сметката на државата до крајот на неделата, а потоа да почнат да се користат согласно планираното.