Вести|

14 ноември 2024, Скопје – Предлог-буџетот за 2025 година е пред сѐ развоен, поткрепен со планирани средства за капитални проекти, проекти на општините, за поддршка на стопанството. Станува збор за Буџет кој носи промена во водењето на јавните финансии и кој е само дел од новиот концепт којшто го воведуваме во практика, а којшто се заснова на фискална консолидација и инвестиции во остварување забрзан економски раст. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозето по Предлог-буџетот за 2025 година пред Комисијата за финансирање и буџет.

„Предлог-буџетот за 2025 година е дизајниран за исполнување на определбата за фискална консолидација и обезбедување фискална одржливост. Клучно е дека тој е визија на Владата за наредната година, којашто се базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции. Притоа обезбедува непречено функционирање на институциите и државата и редовно сервисирање на обврските.

Оттука, во креирањето на Буџетот за наредната година појдовме од определбата за намалување на буџетскиот дефицит кој во 2025 година ќе биде понизок за 0,9 п.п., како и за ефикасно прибирање на приходите преку борба со сивата економија и најважно – ефикасност во користењето на сите средства. Односно, целта беше средствата што се прибираат по сите основи во Буџетот да бидат ставени во функција и да дадат најдобри ефекти. Во таа насока, институциите коишто имаат сопствени средства се поттикнати да ги ефектуираат и да ги користат. Износот на средствата со кои располагаат буџетските корисници заклучно со 12 ноември е над 14 милијарди денари. По тој основ отворивме можност да се финансираат многу повеќе проекти кои носат развој“, рече министерката.

Таа додаде дека новиот концепт нѐ носи во година во која треба да продолжи стабилизирањето на макроекономската состојба и забрзувањето на економскиот раст и определбата на среден рок да постигнеме стапки на економски раст во просек од 5% и буџетски дефицит и јавен долг согласно фискалните правила.

„Ваквата визија не се темели на список на желби, туку на остварувања, особено во втората половина од 2024 година. Растот го темелиме на реална реализација на еден силен инвестициски циклус, поткрепен со висок износ на капитални расходи во Предлог-буџетот и низа мерки и политики за ефикасна реализација на планираните средства. Покрај инвестиции во јавниот сектор, развојната компонента ќе биде поддржана и преку планираниот инвестициски циклус во приватниот сектор кој ќе биде поддржан од државата преку обезбедените поволни средства од унгарскиот заем, како и преку проектите на локално ниво коишто ќе ги реализираат општините“, рече министерката и додаде дека растот на БДП е проектиран на 3,7%, додека инфлацијата на 2,2%. Предлог-буџетот за 2025 година е буџет кој се карактеризира и со тоа што трендот на раст на расходите е понизок од трендот на раст на приходите, односно со овој Буџет приходите се зголемени за 13%, а расходите за 10% во однос на 2024 година, што пак придонесува за консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари.

Вкупните приходи на Буџетот за 2025 година се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 41,3 милијарди денари или 4% од БДП и е понизок за околу 3,3 милијарди денари.

„Со Буџетот за 2025 година се водевме од буџетирање базирано на принцип на реалност, односно планирани приходи во износи кои може реално да се остварат и расходи кои може да се извршат. Притоа, расходната страна се темели особено на поефикасно користење на ресурсите за работа, намалување на несуштински расходи, како и поголем позитивен импакт врз економската активност“, истакна министерката.

Со Предлог-буџетот за 2025 година се планирани 50,5 милијарди денари за капитални расходи и 349,6 милијарди денари за тековни расходи со кои се обезбедува редовна исплата на плати, редовна исплата на пензии и нивно зголемување, исплата на социјални права, субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и  таргетирана поддршка за ранливи категории граѓани и за стопанството.

Расходите за исплата на плати се проектирани на ниво од 48,1 милијарда денари, кои бележат раст од 8%, а за стоки и услуги 26,2 милијарди денари и тие бележат намалување од 0,5% во структурата на вкупните расходи. За исплата на пензии се планирани 105,5 милијарди денари со кои се обезбедуваат средства за најавеното зголемување на пензиите за 2.500 денари од март следната година. За исплата на надоместоци за социјална заштита се планирани околу 14,5 милијарди денари, за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност 1,6 милијарди денари, а за спроведување активни политики и мерки за вработување 2,3 милијарди денари. Повеќе средства се обезбедени за здравствена заштита, односно 52,5 милијарди денари или за 10,7% повеќе. Притоа, ФЗОМ и МЗ имаат и сопствени средства за здравствена заштита. Поддршката во земјоделството е планирана на ниво од 8 милијарди денари, додека трансферите до ЕЛС на ниво од 33,2 милијарди денари или за 2,5 милијарди денари повеќе.

Капиталните расходи се на ниво од околу 50,5 милијарди денари и ќе создадат предуслови за нов циклус на економски раст, притоа обезбедувајќи значително ниво на јавни инвестиции коишто се основа за подобрување на економските перспективи, како и подобар живот на граѓаните. Покрај високото ниво на капитални инвестиции од буџетски средства, значителни средства за реализација на проекти се обезбедени и со заеми од меѓународните финансиски институции и од билатерални кредитори, а насочени се во железничката инфраструктура, комуналната инфраструктура и управувањето со отпад, за енергетска ефикасност во јавниот сектор, потоа за здравството, образованието, социјалните услуги, земјоделството, енергетскиот сектор и сл.

Со Предлог-буџетот предвидено е буџетскиот дефицит да се финансира со задолжување на домашниот и на меѓународниот пазар. Во 2025 година отплатата на главницата на надворешниот долг е во износ од 49,3 милијарди денари, додека на домашниот долг 16,9 милијарди денари.

Расправата по Предлог-буџетот за 2025 година во Комисијата за финансирање и буџет трае 10 дена, по што како дополнет предлог се испраќа на разгледување и усвојување на пленарна седница на Собранието. Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *