Вести|

22 ноември 2024, Скопје – Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска потпишаа Меморандум за соработка којшто има за цел двете министерства да постигнат поголема ефикасност во справувањето со организираниот криминал и корупција и обезбедување брзи, координирани и ефективни одговори. Воедно на настанот директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и директорот на Царинската управа Бобан Николовски потпишаа Протокол за спроведување на Меморандумот за соработка меѓу двете министерства, со кој се уредува и конкретизира соработката меѓу нив, а во насока на ефикасна борба против сите видови криминал. Потпишувањето на Меморандумот и Протоколот е поддржано од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

„Денеска потпишавме два документа со кои правиме еден чекор напред во борбата со криминалот, којшто претставува закана за развојот на државата. Превенирај и спречи е целта на овој Меморандум, кој создава основа за една зајакната соработка помеѓу двете институции и органите во нивен состав, а која ќе се постигне преку координирано дејствување, размена на податоци, заеднички активности и акции, размена на информации, електронско поврзување и заедничка едукација и стручно усовршување на кадрите“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и додаде дека потпишувањето на овој Меморандум е потврда на нашата определба за справување со криминалот имајќи предвид дека последниот Меморандум е потпишан во 2006 година.

Министерот Тошковски потенцираше дека ваквиот начин на соработка е круцијален доколку сакаме да имаме сеопфатен и ефективен пристап во борбата против организираниот криминал.

„Овие документи што ги потпишуваме денес се реално наоѓање начин за усогласување околу тоа како да се спротивставиме на сите предизвици коишто на некој начин го уништуваат нашето општество. Сметам дека со посветена, стручна и професионална соработка помеѓу институциите тоа може да се покаже на дело. Пример за тоа е една одлична спроведена акција со која 14 цариници, полициски службеници и други службеници во рамки на институциите беа изнесени пред лицето на правдата, кои злоупотребувајќи ја довербата на граѓаните се стекнувале со незаконски средства. Со добра и организирана соработка помеѓу службите во МВР, БЈБ и царинските служби видовме дека можело да се остварат резултати. Тоа е нашата цел, затоа постојат овие институции и само на таков начин можеме да покажеме дека навистина имаме волја да се бориме против организираниот криминал и корупција. Сигурен сум во потенцијалот на луѓето и институциите, само треба да се фокусираме, да ја знаеме крајната цел и да се стремиме кон нејзино остварување“, истакна министерот Тошковски.

Директорот на БЈБ Јанев потенцираше дека Бирото за јавна безбедност при МВР е главниот носител на активностите во областа на полициското работење и борбата против организираниот криминал, додека граничната контрола е еден од столбовите на националниот систем за гранично управување, спречување илегално преминување на границите, контрола на прекуграничниот сообраќај и одржување на јавниот ред и мир на границата.

„Соработката се остварува преку усогласување на работата, координирано и заедничко дејствување и унапредување на соработката на национално ниво (централно, регионално и локално) и на меѓународно ниво, размена на податоци за изработка на анализа на ризик/управување со ризици, спроведување заеднички активности и акции, формирање заеднички работни групи и комисии, пружање заемна стручна и техничка помош, како и заедничко користење  технички средства и опрема, побрза и поефикасна размена на информации и податоци, електронско поврзување и заедничка едукација и стручно усовршување на кадрите“, нагласи директорот Јанев.

„Организираниот криминал, нелегалната трговија и корупцијата постојано наоѓаат нови начини на делување и ние мора да возвратиме посилно и со здружени сили. Со Меморандумот и Протоколот ги поставуваме основите за уште пожестока борба со организираниот криминал преку унапредување на соработката и зајакнување на активностите во борбата со криминалот и корупцијата, како и спроведување заеднички криминалистички истраги со цел фаќање на сторителите“, истакна Николовски.

Притоа, тој потенцира дека резултатите веќе покажуваат дека се води сериозна борба со нелегалната трговија. Од 1 јули до 20 ноември има 252 случаи на заплена на стока, што е за речиси 30 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година. Бројот на кривични пријави е зголемен за трипати и тоа најмногу за делата криумчарење, царински измами и избегнување плаќање акциза. Истовремено, наплатата на приходи во септември е зголемена за 9,4 проценти, во октомври за 5,9 проценти, а во ноември, заклучно со 21ви, за 8,6 проценти.

Заменик-амбасадорката на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Сузан Пенкса нагласи дека Меморандумот за соработка претставува витална рамка за унапредување на меѓуагенциската соработка во области како што се размена на разузнавачки информации, заеднички операции и обуки.

„Преку овој холистички пристап, двете министерства ќе постигнат поголема ефикасност и ефективност во справувањето со причинителите на криминалот, како и во обезбедувањето брзи, координирани и ефективни одговори.

Протоколот за спроведување на Меморандумот за соработка е подеднакво важен и има неопходна улога во операционализацијата на неговите стратешки определби. Како што се движите напред, Мисијата на ОБСЕ во Скопје ви стои на располагање да продолжи со долгата историја на поддршка и соработка со Владата на Северна Македонија“, нагласи заменик-амбасадорката Пенкса.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *