10 декември 2024, Скопје – Буџетот за 2025 година е документ со кој Владата ги најавува промените во политиките коишто се во насока на остварување на планот за фискална консолидација, обезбедување фискална одржливост и поддршка на економскиот раст. Следната 2025 година ќе биде година на инвестиции – инвестиции коишто ќе дадат додадена вредност и инвестиции коишто ќе го откочат тркалото и ќе нѐ искачат едно скалило погоре во остварувањето повисоки стапки на економски раст. Тоа се инвестиции кои создаваат реални услови за градење една подобра иднина, а коишто ќе имаат и значајно позитивно влијание врз економската активност наредната година. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на пленарна седница на Собранието образложувајќи го Дополнетиот предлог-буџет за 2025 година.
„Ова е новиот план на Владата заснован на реална реализација на силен инвестициски циклус во јавниот сектор, надополнет со инвестиции во приватниот сектор и општините. Покрај инвестиции, годината ќе ја одбележи и стартот на фискалната консолидација поткрепена со низа сериозни мерки за остварување на таа цел. Ќе работиме на риходната страна со цел поефикасна наплата на приходите, што нема да значи нови даночни оптоварувања туку поголем зафат во сивата, односно неформалната економија, борба со корупцијата и криминалот, особено со финансискиот. Треба да работиме на многу полиња, но имаме силен потенцијал којшто ќе го активираме во остварувањето на оваа цел. Имаме план, имаме цел и имаме начин како да го реализираме тоа, потребна е и цврста волја, а тоа го има во оние коишто се дел од новата Влада“, рече министерката и додаде дека по преземањето на власта резултатите во економијата одат во нагорна насока и за наредната година се очекува забрзување на економската активности, при што растот е проектиран на 3,7%.
Буџетот за 2025 година е развоен, со вклучена социјална компоненета. Вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари, при што буџетскиот дефицит е проектиран на апсолутен износ од 41,3 милијарди денари или 4% од планираниот БДП. Притоа, значајна карактеристика на овој буџет е понискиот тренд на раст на расходите во однос на трендот на раст на приходите. Односно, проeктираниот раст на приходите изнесува 13%, а на расходите 10% во однос на 2024 година, што, пак, придонесува за консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари.
Истакнувајќи дека најзначајна карактеристика на Буџетот за 2025 година е развојната компоненета, таа посочи дека капиталните расходи се планирани на ниво од 47,2 милијарди денари или со околу 4,6% учество во БДП на годишно ниво.
„На ваков начин фискалната политика за наредната година ќе биде насочена кон создавање предуслови за нов циклус на економски раст, обезбедување значително ниво на јавни инвестиции, коишто се основа за подобрување на економските перспективи, како и подобар живот на граѓаните. Покрај високото ниво на капитални инвестиции со буџетски средства, значителни средства се обезбедени и со заеми од меѓународните финансиски институции и билатерални кредитори“, рече министерката и додаде дека во 2025 година ќе продолжи финансиската подддршка и соработка на Владата со општините.
Во 2025 година, со предложениот Буџет планирани се инвестициски вложувања во областа на патната инфраструктура, поврзани со проектирање и изградба на дел од коридорите 8 и 10д, изградбата на источниот дел од патниот Коридор 8 преку делницата Ранковце – Крива Паланка, изградба на автопатската делница Кичево – Букојчани, исто така изградба на автопатската делница Скопје – Блаце, потоа реализација на Проектот за поврзување на локални патишта, финансиран од Светската банка, изградба на патната делница Градско – Дреново, како дел од патниот правец на Коридорот 10д, проекти за изградба и рехабилитација на железничката пруга од Коридорот 8 и изградба на заеднички железнички премин со Република Србија. Планирани се и проекти во областа на комуналната инфраструктура и за управување со отпад, за енергетска ефикасност во јавниот сектор, потоа инвестициски вложувања во здравствениот сектор, образованието, детската заштита и спортот, во земјоделскиот сектор, енергетската инфраструктура, а планирани се и реконструкции на казнено-поправните установи.
Министерката потенцира дека сето ова ќе се финансира со заеми од земјата и странство и дека е планирано повторно задолжување од Унгарија во износ од 500 милиони евра, заем којшто ќе биде искористен за отплата на еврообврзницата која доспева во јануари 2025 година, а останатиот дел ќе се обезбеди од домашно задолжување.
Согласно Деловникот на Собранието, расправата на пленарна седница по Дополнетиот предлог-буџет, која почна денеска, трае најмногу пет дена.