Вести|

20 декември 2024, Скопје – Петстотини милиони евра поволни средства се обезбедија од Унгарската експорт-импорт банка и тие ќе бидат наменети за редовно и целосно сервисирање на обврските што доспеваат во јануари 2025 година по основ на издадена еврообврзница во 2018 година. Договорот за заем со Унгарската експорт-импорт банка денеска во Будимпешта го потпиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

„Денеска во Будимпешта потпишавме нов Договор за заем со Унгарската експорт-импорт банка од која обезбедуваме нови 500 милиони евра, средства неопходни за раздолжување на веќе издадената еврообврзница во 2018 година. Овој заем е со поволни услови за отплата на обврските што доспеваат во јануари. Заемот согласно Договорот е одобрен со рок на отплата од 15 години, со вклучен грејс период од 3 години и каматна стапка од 3,25%, којашто е многу пониска од каматата доколку се одлучевме да издадеме нова еврообврзница за која каматата е над 6% и на тој начин да направиме заштеди во Буџетот. Дополнително, заштеди се прават и по основ на трошоци за провизии кои за овој заем изнесуваат околу 50 илјади евра, наспроти трошоците за издавање еврообврзница кои достигнуваа и над 1 милион евра“, рече министерката за финансии.

Таа истакна дека е особено важно што заемот е под истите услови како и првиот заем за кој беше потпишан Договор во октомври и изрази благодарност до унгарската Влада за дадената поддршка.

„Средствата ќе ѝ бидат достапни на земјата на почетокот на јануари со цел навремено рефинансирање на еврообврзницата. Оттаму, важен аспект е дека повлекувањето на овие средства нема да влијае на нивото на јавниот долг, односно се повлекуваат средства во оној износ во којшто е издадена и еврообврзницата“, нагласи министерката.

Договорот е потпишан согласно Законот за задолжување на РС Македонија со заем кај Унгарската експорт-импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност по Договор за заем за буџетско финансирање и финансирање општи цели, којшто беше усвоен во Собранието. Имајќи го предвид позитивното искуство од соработката со Унгарија во однос на поволните финансиски услови при обезбедувањето на првиот заем за буџетско финансирање и финансирање на општи цели, Владата пристапи кон обезбедување на вториот заем во износ од 500 милиони евра.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *