Вести|

26 декември 2024, Скопје – Сите јавни инвестиции над 120 милиони денари или 2 милиона евра ќе поминуваат низ филтер во Министерството за финансии и ќе бидат одобрувани од Владата со цел да се надмине состојбата на појава на проблеми во подоцнежната реализација. Ова е предвидено со измени во Законот за буџети, а во насока на креирање проекти кои ќе можат да се реализираат.

Ова го најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостувањето на ТВ 21, при што истакна дека има многу наследени проекти од претходната Влада кои сега се прекинуваат поради објективни проблеми.

„За жал, многу од проектите што ги наследивме и за кои очекувавме дека ќе има реализација ги прекинуваме во овој период поради објективни проблеми. Како на пример, се раскинува договор поради откриена фалсификувана банкарска гаранција“, рече министерката и додаде дека кај одредени проекти, пак, има забрзана динамика.

Очекува годината да се заврши со реализација на околу 550 милиони евра капитални инвестиции или околу 70% од планираното и истакна дека е особено важно што станува збор за реализација на реални капитални инвестиции.

„Во 2021 година реализацијата на капиталните расходи изнесувала 400 милиони евра, во 2022 година 450 милиони евра, а во 2023 година 700 милиони евра. Но во овие средства влегуваат и трансферите кон ЕСМ од кои потоа беа исплаќани плати, како и авансни плаќања за одредени проекти. Оваа година ќе завршиме со капитални расходи во износ од околу 550 милиони евра, но тоа се реални капитални расходи“, нагласи министерката.

Во однос на реализацијата на Буџетот рече дека се одвива согласно планираното. „Приходите од ДДВ ќе бидат над планот, од данокот на личен доход согласно планот, а кај данокот на добивка ќе има реализација од 98% до 99%. Придонесите ќе имаат 100% реализација, а буџетскиот дефицит ќе биде понизок“, потеницира Димитриеска-Кочоска.

Информираше дека нема да има промени во даночната политика и дека единствената промена е усогласувањето со минималниот корпоративен данок.

Според министерката, треба да се работи на подобрување на целокупниот животен стандард на граѓаните, што не опфаќа само раст на платите и пензиите, туку и подобрување на условите во образованието, здравствениот сектор, инфраструктура и сл.

„Платите во јавниот сектор ќе се усогласат согласно законските прописи и за тоа се предвидени средства. А во контекст на склучувањата колективни договори, тие се одобрени онаму каде што буџетските корисници предвиделе средства за раст на платите во рамки на одобрените лимити “, појасни министерката.

Во гостувањето се осврна и на користењето на средствата од заемот од Унгарија кој е наменет за општините и за приватниот сектор. Притоа, посочи дека Владата на крајот на ноември има донесено одлука за условите за користење на средствата во приватниот сектор и дека во моментов се чека Развојната банка да го финализира производот согласно кој ќе се пласираат средствата од деловните банки кон крајните корисници.

За средствата наменети за општините, рече дека процесот се одвива како што беше планирано и дека веќе се вршат исплати по одредени проекти кај кои има реализација.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *