29 декември 2024, Скопје – Министерството за финансии ја издаде 23-тата емисија на обврзници за денационализација во вредност од 1,5 милиони евра, со која се обесштетуваат барателите со правосилни решенија за денационализација донесени во периодот од 1 јануари 2023 година до 31 декември 2023 година. Станува збор за обесштетување на вкупно 108 баратели.
Обврзниците за денационализација се хартии од вредност во евро валута, кои ги издава Министерството за финансии, а гласат на име и се неограничено преносливи. Номиналната вредност и каматата од 2% годишно им се исплаќа на имателите на обврзници еднаш во годината во период од 10 години, односно на 10 еднакви рати, а за оваа емисија исплатата ќе започне од 1 јуни 2025 година. Имателите на обврзницата може и да ја материјализираат истата, односно да тргуваат со неа на секундарниот пазар на Македонската берза.
Согласно Законот за издавање обврзници на Република Македонија за денационализација, Министерството за финансии, почнувајќи од 2002 година, еднаш годишно врши емисија на обврзници за денационализација, а Владата со одлука го утврдува износот на обврзниците што се издаваат.
Државата досега има издадено 22 емисии на обврзници за денационализација во вкупен износ од 397 милиони евра.