13 јануари 2025, Скопје – Приходите и расходите во Буџетот за 2024 година се реализирани на ниво над 96%, што е во согласност со планираното. Притоа, растот на приходите и расходите во однос на претходната година е околу 10%, а буџетскиот дефицит е понизок од планираното, односно за 2,5 милијарди денари, и е на ниво од 4,4% од БДП.
Реализацијата на вкупните приходи во Буџетот за 2024 година изнесува 306,3 милијарди денари или 96,3% од планираното. Истовремено, приходите од даноци и придонеси се реализирани во целост, односно 99,7%, додека само од даноци остварувањето изнесува 99,2%. Кај данокот на личен доход има остварување од 101%, кај данокот на додадена вредност 103,8%, кај данокот на добивка 95,6% и кај увозните давачки 95,3%.
Реализацијата на приходите во Буџетот е согласно планираното со ребалансот. Податоците упатуваат на ефикасна наплата на приходите од страна на Управата за јавни приходи и Царинската управа. Оттука, даночните приходи и придонеси се остварени во износ од 283,6 милијарди денари и учествуваат со 92,6% во структурата на вкупните буџетски приходи. Приходите од даноци во 2024 година се остварени во износ од 177,9 милијарди денари и се за 12,8% повисоки споредено со минатата година, а придонесите за социјално осигурување се остварени во износ од 105,7 милијарди денари или за 14,1% повисоки од остварените во 2023 година.
Вкупните расходи во 2024 година се реализирани во износ од 348,5 милијарди денари или 96,1% од годишниот план и се за 9,4% повисоки од буџетските расходи реализирани во 2023 година. Реализацијата на капиталните расходи во 2024 година изнесува 28,7 милијарди денари или 76,8% од планираното. За реализација на Проектот за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д беа реализирани 4,1 милијарда денари, односно буџетот наменет за тој проект во 2024 година беше целосно остварен. Дополнителни 21,2 милиони денари се реализирани за општинските проекти, како и 165 милиони денари за проект за енергетска ефикасност во јавниот сектор. Расходите за стоки и услуги се реализирани во износ од 22,9 милијарди денари или 88% од планираното. Трансферите кон општините преку блок дотации и дотации по основ на ДДВ се реализирани во износ од 30,9 милијарди денари и се повисоки за околу 3,4 милијарди денари во однос на претходната година, а реализацијата на земјоделските субвенции изнесува 9,2 милијарди денари и тие се исплатени во целост.
Особено е важен фактот дека буџетскиот дефицит е реализиран во понизок износ и дека тоа е дел од планот за фискална консолидација.
Со ребалансот на Буџетот, буџетскиот дефицит беше проектиран на ниво од 4,9%, а реализацијата на буџетскиот дефицит во 2024 година изнесува 4,4% од БДП или во апсолутен износ понизок за 2,5 милијарди денари. Исто така, и јавниот долг ќе биде понизок од проектираното и најверојатно ќе биде на ниво од 62,2%. Оваа година започнува со ликвидни и стабилни јавни финансии.