Вести|

31 јануари 2025, Скопје – Јавните финансии се стабилни и ликвидни. Реализацијата на Буџетот се одвива согласно планот, а редовно се сервисираат и обврските. Дефицитот во 2024 година е понизок од проектираниот, а пониско од проектираното е и нивото на јавниот долг на крајот на 2024 година. Процесот на исплата на еврообврзницата од 2018 година е успешно заокружен, а се работи и на низа реформи поврзани со агендата на ЕУ.

Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на средба со новинарите, на која заедно со директорите на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, Царинската управа, Бобан Николовски, Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, Управата за финансиско разузнавање, Кујтим Ибиши, Бирото за јавни набавки, Маре Богева и Управата за имотноправни работи, Зоран Крстаноски ги претставија реализираните и активностите на кои се работи.

Министерката потенцира дека постигнатите резултати произлегуваат од посветената работа на сите овие институции.

„Во 2024 година прибраните приходи во Буџетот беа за 10,3% повисоки во споредба со претходната година, а реализацијата на изворните приходи на Буџетот од даноци и акцизи изнесуваше 100,19%. Станува збор за раст кој не се темели на раст на цените, бидејќи инфлацијата се стабилизира, туку на ангажманот на овие институции во насока на прибирање на приходите согласно законските прописи. Во суштина, би било нескромно од моја страна ако кажам дека не сум задоволна од резултатите, но секогаш треба да се стремиме кон подобро и тоа е нашиот фокус оваа година и во наредниот период. Ќе се фокусираме на сериозна борба со сивата економија, изворот на приходи кој државата треба да го наплати“, рече министерката и притоа порача дека сите треба да ги почитуваат законите и дека институциите имаат механизми за надзор над примената на законските прописи, кои можат да ги употребат во секое време.

Таа истакна дека 2024 година е завршена со дефицит понизок од проектираниот, како и дека јавниот долг е понизок од проектираното ниво, додека проекцијата за раст на економијата треба да биде надмината. Воедно информира и за успешно реализираниот процес на отплата на еврообврзницата од 2018 година, за реформите што се спроведени во МФ поврзани со агендата на ЕУ, како и за активностите што се преземаат за да се забрза динамиката на искористување на обезбедените средства за реализација на одредени проекти.

 

Директорката на Управата за јавни приходи наведе дека во 2024 година оваа институција постигнала раст на наплатени даноци и социјални придонеси за 33,195 милиони денари, што претставува зголемување за 15% во споредба со 2023 година.

„Оваа позитивна разлика особено беше генерирана во втората половина од годината (58% од вкупната разлика), што укажува на зголемена даночна дисциплина. Подобрата наплата на приходите се должи и на подобрата координација и контрола на интерните процеси во УЈП. Во 2024 година наплатени се даночни приходи преку јавна продажба на движни предмети и недвижности на должниците, вклучувајќи: шест патнички возила, шест товарни возила, еден мотоцикл, една машина, четири стана, една викендичка, три ниви и едно земјиште. Исто така, УЈП донесе 525 решенија за задолжување основачи и управители како даночни гаранти за неплатен долг на фирми должници. Заостанатите долгови на фирмите се намалија за 147 милиони денари преку остварената наплата од даночните гаранти“, истакна директорката и додаде дека до ноември 2024 година биле извршени 3352 даночни контроли, при што 40% од нив покажале неправилности. Исто така, како што соопшти, биле наплатени 968,3 милиони денари даночни приходи врз основа на инспекциските наоди, што е пораст од 47% во споредба со 2023 година.

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски истакна дека во втората половина од 2024 година Царинската управа наплатила над една милијарда евра приходи. Притоа, додаде, приходите од царина бележат раст од 13,8%, од акциза за 8,9%, а од данок на моторни возила за 20%. Бројот на случаи на заплени при откриени сторени прекршочни и кривични дела е зголемен за повеќе од 100% во однос на истиот период од 2023 година. Во текот на 2024 година до ОЈО биле поднесени вкупно 89 кривични пријави, при што само во втората половина од годината биле поднесени 69 кривични пријави за 37 правни и 101 физичко лице. Воедно биле поднесени и 766 прекршочни пријави.

Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски соопшти дека во текот на 2024 година до надлежните јавни обвинителства биле поднесени вкупно 34 пријави за оштетување на Буџетот, дека до Управата пристигнале повеќе од 100 пријави од граѓани и институции, а биле отворени и неколку предмети по сопствена иницијатива, при што паралелно се постапува и по повеќе наредби од обвинителствата. Исто така, соопшти дека до Управата за финансиска полиција од страна на обвинителствата биле доставени две  иницијативи за постапување по новиот Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка.

Директорот на Управата за финансиско разузнавање, Кујтим Ибиши информира за реализираните активности од страна на Управата, како и за оние што биле координирани од нејзина страна. Тој потенцира дека е подготвен Извештај за национална процена на ризици од перење пари и финансирање тероризам, донесена е Процена на ризикот од перење пари и финансирање тероризам за правните лица, усвоен е Закон за изменување и дополнување на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам со што е направено целосно усогласување со регулативата на ЕУ. Исто така, сподели дека е подготвена ажурирана листа на индикатори за препознавање  сомнителни трансакции од страна на казината, како и стратешка анализа на извештаи кои се доставуваат од страна на нотарите.

 

Директорката на Бирото за јавни набавки, Маре Богева-Мицовска укажа на неколку преземени активност и најави неколку новини со цел поголема ефикасност на системот на јавни набавки.

Притоа посочи дека од 2025 година ќе се намалува процентот на користење на електронските аукции во постапките за јавни набавки до 40%, ќе се прават промени во делот на административната проверка, а воедно ќе се работи на проект за автоматизирање на тендерската документација и финансиската понуда во стандардизиран формат.

 

Директорот Крстаноски соопшти дека за период од 4 месеци, а како резултат на новиот пристап во работата на Управата, биле решени над 3500 предмети за приватизација, процес, кој, како што рече, во јули 2024 година бил речиси целосно во застој. Исто така, информира дека во одделенијата на Управата во Битола, Прилеп, Тетово, Кичево, Гостивар и Охрид било постапено по околу 3500 предлози за експропријација, поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д и автопатот Кичево – Охрид.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *