Вести|

26 февруари 2025, Скопје – Интензивирањето на јавните инвестиции и поддршка на потрошувачката со трансфери од Владата и реалниот раст на платите ќе бидат главни двигатели на растот на домашната економија во 2025 година. Ова е дел од прелиминарните наоди на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд за член IV, објавени во завршната изјава на ММФ по спроведените консултации во земјава.

ММФ, како што е наведено во соопштението, ги нотира целите на Владата за намалување на дефицитот, зголемување на продуктивноста и на животниот стандард и намалување на неформалноста.

 

Според ММФ, во земјава растот се зголемува и во 2025 година се очекува да изнесува 3,3%, со сѐ уште присутно влијание на слабата надворешна побарувачка забележана во 2024 година. На долг рок, сметаат дека влијание врз растот може да има високата стапка на иселување. Притоа, клучно за зголемување на продуктивноста и надоместување на трошоците на иселувањето се структурни реформи насочени кон подобрување на деловното окружување, зајакнување на пазарот на трудот, зголемување на инвестициите во јавната инфраструктура, зајакнување на владеењето на правото и напори за спречување на корупцијата, како и подобрување на управувањето.

 

ММФ ги истакнува целите на Владата за намалување на буџетскиот дефицит, наведувајќи дека клучно е да се оствари очекуваното зголемување на приходите преку намалување на сивата економија и зголемување на усогласеноста со даночите обврски. Воедно, ги поздравуваат напорите на Управата за јавни приходи за модернизација на процесите и за намалување на неформалното работење. Тие посочуваат дека е потребна кредибилна фискална стратегија која ќе обезбеди придржување кон фискалните правила за нивото на буџетскиот дефицит и јавниот долг, коешто е клучно за зачувување на кредибилитетот за одржување на пристапот кон меѓународните пазари на капитал, за создавање простор за инвестиции, како и за зајакнување на отпорноста на идни потреси. Според ММФ фокусот треба да биде на контролата на тековните трошења преку враќање на пензискиот систем заснован на индексирање само според инфлацијата, како и ограничување на растот на платите во јавниот сектор, исто така, согласно инфлацијата на краток рок.

 

Мисијата на ММФ истакнува дека структурните фискални реформи се неопходни за зајакнување на фискалното управување и подобрување на ефикасноста на трошењето и дека на тој план веќе се остварува одреден напредок. Притоа, посочуваат на тоа дека клучните тековни мерки вклучуваат спроведување уредба и прирачник за Управување со јавни инвестиции, донесување закон за ЈПП и спроведување прегледи на трошењата за оптимизирање на распределбата на Буџетот.

 

Мисијата на ММФ беше спроведена во периодот од 13 до 25 февруари, а врз основа на прелиминарните наоди ќе биде изготвен извештај. Консултациите по членот IV се редовни и се спроведуваат еднаш годишно.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *