4 март 2025, Будимпешта – Денеска во рамки на унгарско-македонскиот владин самит, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, заедно со министерот за транспорт и врски Александар Николоски, оствари средба со министерот за национална економија Мартон Наѓ и министерот за градежништво и инвестиции на Унгарија Јанош Лазар. На средбата беше потврдено дека помеѓу двете земји има одлични економски и политички односи и дека и двете страни изразуваат волја соработката да се унапредува и продлабочува.
Притоа, македонска страна истакна дека Владата е фокусирана, пред сѐ, на реализацијата на јавните инвестиции особено во инфраструктурата. Со Буџетот за оваа година тие инвестициски планови се поддржани со висок износ. Дополнително беше потенцирано дека поддршката од Унгарија, којашто беше реализирана преку одобрувањето на заемот, претставува директна поддршка на домашната економија за постигнување позасилен економски раст.
Министрите изразија благодарност до унгарската Влада за несебичната поддршка на нашата земја во евроинтеграцискиот процес и во насока на економско зајакнување на РС Македонија.
Средбата беше реализирана во рамки на дводневниот унгарско-македонски владин самит што се одржува во Будимпешта.