6 март 2025, Скопје – Преку Меморандум за соработка, Министерството за финансии и Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ќе ги унапредуваат меѓусебните односи и ќе поттикнуваат стручна размена и зајакнување на капацитетите во областите од заеднички интерес. Меморандумот за соработка денеска го потпишаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и деканот на Економскиот факултет Предраг Трпески.
Министерката потенцира дека преку Меморандумот за соработка Министерството за финансии ќе добие огромна помош од професорите кои се врвни експерти од областа на економијата.
„Во периодот што следи, Меморандумот ќе помогне во нашата работа со најразлични анализи и стручна помош. Во исто време ќе добиеме поддршка и во функционирањето на Академијата за јавни финансии, којашто има за цел да го зголеми нивото на квалитет и знаењето на вработените во јавната администрација, а со тоа и целокупното ниво на знаење во државата на едно повисоко ниво“, рече министерката за финансии.
Деканот на Економскиот факултет изрази благодарност до Mинистерството за финансии за иницијативата да се склучи Меморандумот за соработка помеѓу Министерството за финансии и Економскиот факултет – Скопје при Универзитет „Св.Кирил и Методиј“.
„Ова за нас е многу значајно бидејќи во иднина се отвора можност за една соработка, би рекол партнерство помеѓу Економскиот факултет – Скопје и Министерството за финансии, на повеќе основи, како во сферата на академските води, наши професори, наши асистенти да бидат вклучени во различни процеси во работењето на Министерството за финансии и обратно, од Министерството за финансии да бидат присутни кај нас на факултетот и да бидат вклучени во процесот на настава, но и да даваат свое мислење и сугестии во процесот на конципирање на нови наставни програми. За нас е особено значајно тоа што Министерството за финансии ги отвора вратите за нашите студенти кои ќе можат да изведуваат практична настава во секторите од МФ, поблиску да се запознаат со работата на таа институција и на крајот МФ и другите министерства да може да регрутираат свои вработени од редот на студентите на Економскиот факултет – Скопје“ изјави деканот на Економскиот факултет – Скопје, проф. д-р Предраг Трпески.
Преку Меморандумот за соработка, МФ и Економскиот факултет ќе соработуваат при спроведување истражувања и анализи, размена на стручна литература, учество во проекти и имплементација на иницијативи од заемен интерес. Покрај тоа, Меморандумот ќе овозможи и организирање состаноци, работилници, конференции, семинари и обуки со цел континуирано усовршување на кадрите, а посебен акцент ќе биде ставен на вклучувањето на наставниот кадар од Економскиот факултет како предавачи во обуките организирани од страна на Академијата за јавни финансии, како и нивно инкорпорирање во базата на експерти на Академијата.
Министерката за финансии денеска пред студентите на Економскиот факултет одржа предавање на тема „Локални финансии“, притоа посочувајќи го значењето на управувањето со финансиите на локално ниво од страна на локалните самоуправи и мерките што се преземаат за зајакнување на нивните капацитети со цел ефикасно управување со парите на граѓаните на локално ниво и пружање квалитетни услуги за граѓаните.