26 март 2025, Скопје – РС Македонија води кредибилни и конзистентни макроекономски политики поддржани преку долгогодишната политика на фиксен девизен курс, подобрите показатели за управување во споредба со други земји со слични економски перформанси и посветеноста кон реформите во рамки на процесот на пристапување во ЕУ. Ова го констатира Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ во својот последен извештај и притоа потврди дека земјата го задржа кредитниот рејтинг ББ+ со стабилен изглед.
Агенцијата нотира дека во 2024 година реалниот раст на БДП достигнал 2,8% и покрај надворешните потешкотии и дека е над проекциите како резултат на силната јавна потрошувачка и инвестициите. „Фич“ очекува растот на економијата во 2026 година да достигне 4%, како резултат на реализацијата на инвестициите на коридорите 8 и 10д. Во извештајот е посочено дека инвестициите остануваат силни, но дека слабиот раст на продуктивноста и неповолните демографски движења претставуваат ограничувачки фактори на растот на среден рок, а притоа се забележани силни приливи на странски директни инвестиции. Странските нето директни инвестиции се највисоки во последните 17 години и тие се искачиле на 7,1% од БДП во 2024 година, и тоа како резултат на високите инвестиции во слободните економски зони. Според „Фич“, невработеноста останува структурно висока поради недостаток на вештини и нерамномерен регионален економски развој. Растот на платите е силен и во периодот 2022 – 2024 година тој изнесувал 13% во просек на годишно ниво и притоа немал негативен ефект врз конкурентноста.
Во извештајот „Фич“ наведува дека во 2024 година бил остварен буџетски дефицит од 4,6% што е помалку од ревидираниот со Ребалансот којшто изнесуваше 4,9%, а тоа се должи на повисоките приходи и недоволното извршување на капиталните расходи. Во 2025 година, „Фич“ не очекува промени кај буџетскиот дефицит заради проектираниот повисок износ на капитални расходи и нормализирањето на расходите за пензии и за социјални фондови. Позитивно влијание врз приходната страна очекува од воспоставувањето на е-фактурата. Агенцијата смета дека грантовите од Планот за раст на Западен Балкан ќе придонесат за намалување на дефицитот на 4% до 2026 година. Според „Фич“, долгот на среден рок ќе надмине ниво од 58% од БДП.
Инфлацијата во 2024 година беше на ниво од 4,2% во просек и според „Фич“ главни двигатели биле силниот раст на платите, зголемената домашна побарувачка и силниот кредитен раст на приватниот сектор.
Кредитниот рејтинг се изготвува врз основа на анализи на политиките што ги спроведува земјата. Тој го покажува степенот на ризик од инвестирање и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носењето на нивните одлуки.
Кредитниот рејтинг за земјата се изготвува двапати во годината, и тоа од страна на агенциите за кредитен рејтинг „Фич и Стандард и пурс“.