2 мај 2025, Скопје – Министерството за финансии ги објави податоците за нивото на јавниот долг на крајот на првиот квартал од 2025 година. Согласно објавените податоци, јавниот долг бележи намалување од 4,7 п.п. во споредба со нивото од крајот на 2024 година и изнесува 57,7% од БДП или намалување за 36 милиони евра во апсолутен износ.
„Ваквите податоци се директна потврда за политиките што ги спроведуваме и за траекторијата по којашто се движиме. Од 62,4% од БДП на крајот на 2024 година, јавниот долг се спушти на 57,7% што е резултат на преземените мерки за фискална консолидација, потоа на мерките за намалување на непродуктивните трошења, како и на напорите за подигнување на економската активност“, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа додава дека целта за понизок буџетски дефицит од 3% и јавен долг под 60% од БДП согласно фискалните правила е остварлива, само бара многу посветеност и напор на секое ниво, како на приходната така и на расходната страна. Дополнително и воедно многу важно во однос на она што го работи оваа Влада е посветеноста на реализација на инвестициите кои ќе донесат повисоки стапки на економски раст, а тоа, пак, на долг рок ќе донесе намалување на нивото на долгот.
Клучна цел на Министерството за финансии и Владата е подобрување на управувањето со јавните финансии и одржување високо ниво на капитални расходи, кои ќе ги поддржат долгорочните економски приоритети.
Имено, Министерството за финансии го објави и нивото на државниот долг во првиот квартал од 2025 година и тој изнесува 50,1% од БДП, односно намалување од 3,7 п.п. во однос на нивото на државниот долг објавен на 31 декември 2024 година. Согласно објавените податоци, државниот долг во апсолутен износ изнесува 8.328,7 милиони евра, а јавниот долг 9.583,9 милиони евра.
Во првиот квартал, Владата, односно Министерството за финансии ја исплати еврообврзницата во износ од 500 милиони евра. Во овој квартал е извршена вкупна исплата на обврски по основ на главнина за надворешен јавен долг во износ од 679,4 милиони евра, а во овој износ влегува и исплатата на еврообврзницата.
Согласно утврдената динамика, Министерството за финансии го објавува нивото на јавниот долг квартално, а нивото на државниот долг месечно.