4 мај 2025, Скопје – По подолг период јавниот долг е намален, и тоа не само процентуално, туку и во апсолутна бројка, изјави министерката за финансии за ТВ Алфа.
„Веројатно многу често слушате дека одредени работи се штедат, дека се внимава, па како министерката за финансии во дадени ситуации е малку построга… Но, ние немаме друг избор освен да работиме домаќински. Премногу се задолживме во изминатите години. Сега граѓаните можат да споредуваат дали ние работиме домаќински, со намален долг од 36 милиони евра во апсолутен износ или, пак, некој пред нас работел домаќински кога долгот го зголемил за 292 милиона евра за ист период, почеток на година, и минатата и оваа“, истакнува министерката за финансии.
Таа додава дека домаќинското работење, намалувањето на непродуктивните трошења и напорите за подигнување на економската активност резултирало со намалување на јавниот долг за 4,7 п.п. на нивото од 57,7% од БДП. Притоа, како што напомена, предизвиците од претходниот период биле големи, па морало да се консолидираат финансиите и внимателно да се трошат народните пари.
Повтори дека не отстапува од проекциите за економски раст од 3,7% годинава, и покрај пониските очекувања на меѓународните финансиски институции, и најави прекројување на државната каса во јули, пред распишувањето на локалните избори.
„Ќе имаме една мини прераспределба, како што би рекла јас, или прераспределба, како што ја нарекуваат во Министерството за финансии, во врска со финансирањето на проектите на . Ако се сеќавате, ние ги предвидовме во Буџетот, меѓутоа тие беа ставени во „Функции на држава“ затоа што не можевме однапред да знаеме каков ќе биде интересот на општините, дали ќе сакаат повеќе проекти кои се поврзани со Министерството за транспорт или со министерствата за земјоделство, култура, спорт. Сега веќе имаме поконкретна слика каде и колку средства треба да се пренасочат и затоа ќе имаме една мини прераспределба, а ребаланс на Буџетот ќе правиме некаде во јули, пред распишувањето на локалните избори“, изјави Гордана Димитриеска-Кочоска.