7 мај 2025, Скопје – Македонија се наоѓа на пресвртница – соочена со предизвици дома, но и со перспектива за членство во ЕУ. Реформската агенда 2024 – 2027 година, којашто е поддржана од Европската комисија, претставува јасен патоказ за трансформација на економијата и општеството, во која се содржани конкретни реформски критериуми и резултати. Реформите што ќе ги спроведуваме не се само заради членството во ЕУ, туку, пред сѐ, заради нашите граѓани – за подобар животен стандард, поквалитетни услуги и стабилна економска иднина. Ова го порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која учествуваше на панел-дискусија на тема „Каде сме и каде сакаме да бидеме? Предизвиците дома и во Европа – пат до успешна иднина“ во рамките на 28. Евроазиски економски самит во Истанбул.
„Последните неколку години беа обележани со преклопувачки кризи – пандемијата, енергетската криза, ценовните шокови – кои бараа силна фискална реакција. Владата презеде мерки за заштита на граѓаните и економијата, што доведе до зголемени буџетски трошоци. Сега, кога најтешкото е зад нас, приоритет ни е фискалната консолидација, односно постепено намалување на дефицитот и задолженоста за да се осигура долгорочна одржливост. Целта е да не дозволиме долговите да ја загрозат стабилноста на економијата, ниту, пак, идните генерации да се соочат со несразмерен товар. Притоа, важно е фискалната консолидација да биде спроведена на паметен начин – со контрола главно на тековните трошења, но не и на сметка на капиталните инвестиции кои поттикнуваат раст“, рече Димитриеска-Кочоска.
Истакнувајќи дека меѓународните партнери ги препознаваат напорите што ги вложува Владата, министерката наведе дека при последната мисија на Меѓународниот монетарен фонд тие ја препознаа нашата желба за борба за намалување на неформалната економија. Исто така, додаде дека веќе се гледаат првични ефекти – оваа година стапките на наплата на одредени даноци постепено растат, а во делот на царинските приходи, рече дека фокусот е на сузбивање на шверцот и зајакнување на царинската контрола, особено на акцизните стоки.
На панел-дискусијата таа истакна дека стратешка цел на земјата е полноправно членство во ЕУ и дека се стремиме кон постигнување на европските стандарди. „Министерството за финансии, заедно со другите ресори во Владата, е целосно посветено на унапредување на стандардите согласно критериумите на ЕУ и на успешно затворање на поглавјата во преговарачкиот процес. Сите реформи се во срцето на пристапните критериуми. Одиме по правиот пат, но треба да одиме побрзо и поодлучно. Добра вест е тоа што не сме „заглавени“ во ниту една сфера – насекаде имаме план и тековни активности за адресирање на препораките“, посочи министерката Димитриеска-Кочоска.
Таа порача дека визијата на Владата е Македонија да прерасне во модерна, европска држава со стабилна економија, унапредени јавни услуги и повисок стандард за сите граѓани и дека очекува со посветеност, компетентност и единство околу стратешките цели тоа да биде постигнато побрзо.
Министерката беше дел и од Свеченото отворање на Самитот, каде што порача дека со заеднички идеи, иницијативи и соработка може да се надминат предизвиците пред кои сме исправени. Притоа потенцира дека меѓусебната поддршка е многу значајна и дека Македонија и Турција негуваат пријателски односи.
Претходно во Анкара, министерката Димитриеска-Кочоска оствари средби со министрите за трезор и финансии и за трговија, Мехмет Шимшек и Омер Болат.