31 октомври 2018, Скопје – За да се постигне одржлив економски развој и подобар животен стандард за граѓаните во Македонија и во регионот, неопходно е да се инвестира во човечкиот капитал. Ова беше истакнато на конференцијата „Поттикнување економски раст преку развој на човечкиот капитал во земјите од Западен Балкан“, во организација на Министерството за финансии и Светската банка по повод 25 години соработка.
Денеска започна реализацијата на проект во вредност од 30 милиони евра од Светска банка за унапредување на човековиот капитал. Станува збор за Проектот за подобрување на социјалните услуги, кој ќе поддржи поголем опфат на деца во градинките, како и подобри социјални услуги и инклузија.
-На овој значаен 25-годишен јубилеј од соработката со Светска банка и во духот на темата која што ја отвораме на оваа конференција беше презентиран договорот потпишан помеѓу Министерството за финансии и Светска банка во висина од 30 милиони евра за детска и социјална политика, заедно со Министерството за финансии и Светска банка во висина од 30 милиони евра за детска и социјална заштита. Мораме да ги заштитиме децата. Тие се нашите влог и капитал на иднината – рече премиерот Зоран Заев.
Потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија Сирил Мулер рече дека е битно да се инвестира во децата уште од претшколска возраст. Затоа земјите во регионот треба да работат на подобрување на опфатот на деца во претшколко образование.
-Во просек младите во регионот на Западен Балкан до 18 годишна возраст поминуваат 12,4 години во училиште. Сепак, стекнатото образование за овој период е еднаков на само 8,6 години квалитетно образование.- рече Мулер.
Министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека изминатите години инвестициите во човечкиот капитал во земјава не биле доволни.
– Како министер за финансии, убеден сум дека средствата во овие полиња не смееме да ги гледаме како трошоци. Напротив, станува збор за вложувања кои ќе имаат принос на долг рок. Во таа насока почнавме да издвојуваме повеќе средства за овие сектори. Во Буџетот за оваа година има издвоено 146 милиони евра повеќе во однос на 2017 година за социјална и детска заштита, образование и здравство. Тоа е зголемување за околу 1,5 процентни поени од БДП. Оваа година издвоивме средства за покачување на платите во здравството, образованието и детската грижа. Ова беше неопходен чекор. Во некои сектори платите не беа коригирани со години и уште се на ниско ниво. Ова се одразува на квалитетот на работата, како и на одливот на квалитетни кадри. Во Буџетот оваа година издвоени се и досега најмногу средства за активните мерки за вработување. Преку овие мерки, граѓаните што бараат работа можат да се стекнат со вештини и знаења кои соодветствуваат со потребите на пазарот на трудот- рече Тевдовски.
Тевдовски истакна дека Светска банка е партнер во реформите и унапредувањето на човечкиот капитал во Македонија и регионот. Покрај Проектот за подобрување на социјалните услуги со новата стратегија за соработка со Светска банка на Македонија, се предвидуваат низа други проекти за инвестирање во човечки капитал.
– Тука е Проектот за примарна здравствена заштита. Тој ќе биде насочен кон реформи и инвестиции во примарниот здравствен сектор. Тука се и проекти за јакнење на вештините, претприемништвото, проекти од социјалата и животната средина. Вкупната вредност на проектите од стратегијата е околу 400 милиони долари и треба да се спроведе во наредните 4 години.- рече Тевдовски.
На конференцијата присуствуваше и гувернерот на Народната банка, министри од земјата и регионот, како и високи претставници од Светска банка.