Вести|

22 октомври 2023, Скопје – Направен е значаен чекор напред во односите на Република Северна Македонија со Групацијата на Светската банка, со тоа што стана земја донатор кон Меѓународната асоцијација за развој (ИДА), фонд на Светската банка. Во фондот членуваат сите земји членки на Светската банка, а самиот факт дека започнавме да придонесуваме во него значи дека нашата економија постигнала повисок степен на развој, пишува министерот за финансии, Фатмир Бесими во својата најнова колумна и истакнува дека сигналите што ги праќаат меѓународните финансиски институции за македонската економија преку есенските проекции повикуваат на внимателност, но исто така тие очекуваат нашата економија допрва да се развива и да испорачува резултати.

„Создаваме економски раст во услови на економска стагнација кај нашите главни економски партнери и среде кризи кои не стивнуваат. Водиме прудентна фискална политика со намалување на буџетскиот дефицит, а притоа се обезбедуваат средства за поддршка на најранливите категории граѓани и за стопанството преку поволни кредити, а воедно го штитиме стандардот на граѓаните преку растот на платите и пензиите при намалување на инфлацијата (инфлацијата од 19,8% во октомври 2022 година се сведе на 6,6% во септември 2023 година, а надолниот тренд ќе продолжи и понатаму). Невработеноста продолжува да се намалува, па така во февруари 2023 година се сведе на 13,1% од 17,3% колку што изнесуваше пред корона-кризата. По завршувањето на пандемијата продолжува и трендот на намалување на сиромаштијата. Инвестициите растат и достигнаа до нивото од 35% од БДП во 2022 година (што е повисоко од нивото пред пандемијата, а во 2020 година се симнаа на 29%), од кои само странските инвестиции достигнаа ниво од 5,2% од БДП што е значајно зголемување три години по ред, односно 1,4% и 3,3% во 2020 година и 2021 година. Исто така, значаен придонес во растот на инвестициите имаат и јавните инвестиции, кои оваа година се планираат на ниво од 5% од БДП, што е двојно повеќе од поранешниот просек. Движењата во надворешната трговија во 2023 година придонесоа за намалување на трговскиот дефицит за 30% во однос на истиот период од 2022 година. Ваквите движења кои се резултат на економските политики и реформи придонесоа за подобрување и потоа одржување на кредитниот рејтинг на земјата во годините после корона-кризата“, истакнува Бесими.

Тој посочува дека ММФ ги покачи очекувањата за раст на македонската економија за годинава (од 1,4% на 2,5% раст на БДП во 2023 година) и покрај тоа што значително ја намали проекцијата за ЕУ и Германија, како наши трговски партнери, а воедно се подобруваат и проспектите за раст на економијата на среден рок. Ова го покажува и Регионалниот економски извештај за Западен Балкан кој деновиве го објави Светската банка (на среден рок предвидуваат забрзување на економскиот раст), каде што се посочува дека евроинтеграциите ќе го забрзаат реформскиот процес и ќе го зајакнат капацитетот за раст на домашната економија. Тие перспективите за раст ги базираат и на зголемените инвестиции и на подобрувањето на инфраструктурата.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *