11 декември 2024, Скопје – Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска очекува дека 2024 година ќе заврши со многу повисока стапка на раст од проектираната и понизок јавен долг, додека следната година реализацијата на капиталните инвестиции да биде висока и да се реализираат и планираните приходи во Буџетот. Ова го истакна во разговорот во Отвореното студио на МРТВ на тема „Буџет 2025“, каде што гостуваше заедно со премиерот Христијан Мицкоски и со претставници од бизнис-заедницата.
„Ќе имаме многу повисока стапка на економски раст и понизок јавен долг, кој на крајот на оваа година ќе биде под 62,7%, а на крајот на следната година 62,1%. Имајќи ги предвид корекциите на БДП за 2024 и 2025 година во нагорна линија, тоа значи дека јавниот долг ќе биде понизок и од 62,1%. Со тоа покажавме дека работиме и дека кога сме посветени се консолидираме многу побрзо“, рече министерката.
Таа истакна дека следната година ќе има висока реализација на капиталните инвестиции преку активностите што се реализираат на терен, како и активностите на проектите кај кои претходно имало слаба реализација.
Потенцира дека освен усогласувањето на законите со европската директива за глобалниот минимален данок, наредната година нема да има промена на даночни стапки. Тоа не е предвидено ниту во Буџетот за 2025 година, ниту во Фискалната стратегија.
„Фокусот ќе ни биде на сивата економија и оттаму нема страв од аспект на наплата на приходите. Има огромен простор за наплата на приходите во сивата економија, која според некои неофицијални податоци изнесува околу 40%, а во законите имаме можности да ги наплатиме. Пред неколку дена е објавен тендерот за е-фактура и со нејзино воспоставување се очекува посериозна наплата на ДДВ и поголема координација и комуникација помеѓу институциите – УЈП, Царинска управа, Финансиска полиција, што ќе ни овозможи да ги детектираме слабостите на системот и да ги елиминираме сите оние дејствувања на компаниите во сивата зона“, рече министерката.
Таа додаде дека досега немало усогласување на податоците помеѓу Царинската управа и Управата за јавни приходи и се правела штета врз Буџетот преку поврат на ДДВ. Токму затоа е направена контрола и врз основа на тоа е спречена злоупотреба на најмалку 2 милијарди денари буџетски средства.
Министерката рече дека слабостите се детектирани, работите се анализираат детално и дека е потребно е време за да се решат проблемите што не биле решени со години.