14 јануари 2025, Скопје – Економијата е во фокусот на Владата на Македонија и во изминатите шест месеци од својот мандат таа посветува внимание на правењето промени коишто ќе донесат предвидливост за инвеститорите и подобри услови за инвестирање. Ова го порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која беше воведен говорник на Форумот на „Инвисо“, претходно познат како „Еуромани“, којшто се одржува во Виена. Воведни обраќања имаа и првиот потпретседател на ЕБОР Јирген Ригтеринк, гувернерот на централната банка на Австрија и член на УО на Европската централна банка, Роберт Холцман, заменик-министерот за финансии на Грузија Екатерина Гунтсатце и заменик-претседателот за регионот во Меѓународната финансиска корпорација при Светската банка, Алфонсо Гарсија Мора.
„Во овие шест месеци од преземањето на власта, фокусирани сме на економијата и на она што треба да го промениме, а е важно за инвеститорите. Во изминатите седум години беа направени многу промени во даночната политика и затоа ние велиме дека треба да имаме предвидлива даночна политика, данок со рамни стапки и дека како и во претходниот период така и во следните четири години ќе биде стабилно и нема да правиме промени. Тоа е важно за компаниите, за да можат да ги прават своите планови“, рече министерката.
Таа додаде дека друг значаен аспект на кој е фокусирана Владата е инфраструктурата и дека целта е да се покажат резултатите на дело. „Успеавмe да завршиме сериозен експресен пат кој го поврзува Скопје со Софија. Исто така, фокусирани сме на финализирање на патната делница во западниот дел од државата, од Кичево до Охрид, на кој се работи повеќе од десет години, а очекуваме да биде завршен во следните две години. За инвеститорите ова е многу важно, особено затоа што во регионот на Охрид има многу странски инвестиции“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Министерката потенцира дека се преземаат сериозни активности и во борбата со криминалот и корупцијата, потоа активности на полето на фискалната консолидација и намалувањето на буџетскиот дефицит, како и други реформи важни за инвеститорите.
„Многу сме сериозни и фокусирани на економијата и можам да ветам дека во наредниот период ќе покажеме сериозни резултати. Веќе ги покажуваме и сега, а сериозен доказ за тоа е растот на БДП во третиот квартал од 2024 година. Работиме и на реформи што се многу важни и за нас и за инвеститорите, што значи се обидуваме целосно да го смениме концептот на работа, кој треба да се заснова на професионалност“, рече министерката.
Во обраќањето се осврна и на спроведувањето на реформите поврзани со евроинтеграцијата на нашата земја, при што истакна дека се следи Реформската агенда и дека ќе бидат завршени преземените обврски во врска со неа.
„Она што е утврдено со Реформската агенда ќе го завршиме. Веќе се подготвува договорот за побарување на средствата и можам да истакнам дека ние сме прва од петте земји од Западен Балкан којашто ги исполни обврските, што покажува дека сме многу сериозни“, истакна министерката за финансии.
На маргините на Форумот, министерката Димитриеска-Кочоска ќе оствари повеќе средби со инвеститори и претставници на меѓународни финансиски институции.
Форумот е годишен настан којшто на едно место спојува професионалци од различни сегменти на финансискиот и банкарскиот сектор и дава можност за информирање за најновите случувања во финансискиот свет и отворење дискусија за трендовите и иднината на финансиските пазари.