Скопје, 14 април (МИА) – Царинската управа на Република Македонија денеска го одбележа Денот на царината – 14 април и 17-годишнината од стекнатиот суверенитет и контрола врз царинското подрачје на Република Македонија.

 

На свеченоста организирана по тој повод директорот на Царинската управа Ванчо Каргов ги презентираше резултатите од работењето на Царината и рече дека нејзиното работење е усогласено со европските стандарди.

 

Минатата година, како што истакна, воведени се електронски едношалтерски систем за издавање увозни и извозни дозволи, преземање на надлежноста и управувањето на објектите на граничните премини за патен сообраќај, поставувањето мобилни рентгени во насока.

 

Тој додаде дека лани се процесирани вкупно 486 илјади царински декларации, извршени се 46 инспекции во сите единици на Царината, спроведени се 140 внатрешни истраги при што во 70 случаи се констатирани дисциплински повреди и нерегуларности, а поднесени се до Јавното обвинителство и 164 кривични пријави против 81 правно и 209 физички лица, кои се однесуваат за измама, криумчарење и недозволен промет со акцизни стоки.

 

Министерот за финансии Трајко Славески, обраќајќи се пред присутните, истакна дека Царинската управа, покрај тоа што прибира дел од приходите во буџетот, придонесува за она што се вика „рамно поле“ за натпревар на стопанските субјекти во Македонија.

 

– Ние во Владата заедно со Царинската управа имаме нулта толеранција за оние кои се обидуваат да стекнат вредност пред своите конкуренти на недозволен начин.

 

Тука навистина ќе продолжиме со сите мерки што стојат на располагање за да ја обезбедиме таа рамноправна конкуренција на македонскиот пазар, истакна министерот Славески.

 

Тој додаде дека можеби ќе треба да се зајакне соработката на Царинската управа со другите институции и органи.

 

По повод Денот на Царината, на свеченоста беа доделени плакети за соработка со оваа институција. Царинска плакета доби и вицепремиерот Зоран Ставрески кој заблагодарувајќи се рече дека во Царинската управа во изминатите три години се постигнати извонредни резултати.

 

– Со спроведените реформи Царината од институција што беше синоним на неуспешна, корупмпирана и институција што го кочи развојот на државата, прерасна во институција што го поддржува развојот на македонската економија, рече Ставрески. скс/паг/15:58

Comments are closed.