Почитувана претседателке на Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература – г-ѓа Нада Николова,
Почитувана директорке – г-ѓа Силвана Андонова,
Почитувани ученици,
Почитувани професори и гости,
Драги пријатели,
Ми претставува особена чест и задоволство што присуствувам на Републичкиот натпревар по македонски јазик и литература за основните училишта и што можам да бидам меѓу најдобрите, меѓу оние кои јасно го дефинирале својот пат и сфатиле дека знаењето е сила, знаењето е моќ и само тоа води до сигурен личен успех и општествен прогрес.
Би сакал да ја поздравам ученичката Љупка Трајкова, која е заслужна што годинава натпреварите по македонски јазик и литература се одвиваат во Радовиш, во рамките на манифестацијата 2008 – Година на македонскиот јазик. Оваа манифестација е под покровителство на претседателот на Владата на Република Македонија – г-дин Никола Груевски. И тоа не е случајно. Јазикот на еден народ и литературата создавана на тој јазик се најцврстите столбови на еден национален идентитет. Без свој, посебен, специфичен јазик и литература – нема посебен идентитет. Токму низ нив се остваруваат двете неопходни својства кои овозможуваат диференцирање на еден народ како посебен: препознавање или самопоимање на единката како дел од колективот преку заедничкиот јазик и култура и разликување од другите.
Македонскиот јазик и литература се културни маркери кои ја дефинираат самобитноста, различноста на колективот и ја зацврстуваат свесноста за себе си. Токму затоа, усвојувајќи знаења од предметот македонски јазик и литература вие учите, спознавате дека македонскиот идентитет не спаѓа ниту меѓу простите, ниту меѓу еднозначните идентитети. Учите дека Македонија не е обичен географски поим. Таа е поливалентен цивилизациски и духовен простор кој уште од раното средновековие пројавува свои специфики преку македонската редакција на црквенословенскиот јазик. Простор од каде што се шири словенската писменост. Ако мисијата на науката е, преку потрагата по вистината, да зближува, вашата мисија, и на професорите и на учениците, е да создавате постојани премини од не-знаење кон знаење, а со тоа да го хуманизирате светот. При тоа, да ги демистифицирате заблудите кои го оспоруваат македонскиот идентитет. Да ги усвојувате изворните слики за богатата македонска културна традиција, за да можете да се соочите со предизвиците на модерноста.
Тоа е и наша мисија, мисија на Владата на Република Македонија. Затоа 2008-та ја прогласивме за Година на македонскиот јазик. Ги поттикнавме и поддржавме институциите и културните работници да го афирмираат македонскиот јазик и култура во светот. Поддржавме значајни национални проекти какви што се доизработката на Толковниот речник на македонскиот јазик, на Црквенословенскиот речник, на Литературната база на податоци. Особено внимание посветуваме на македонските лекторати во светот. Знаејќи дека преку изучувањето на македонскиот јазик и литература во странските високообразовни центри создаваме трајни пријатели и амбасадори на македонската култура во странство, се залагаме, годинава да отвориме уште најмалку 5 нови лекторати.
Свесни дека јазикот најдобро се изучува и збогатува преку литературата, Владата на Република Македонија го поддржа проектот на Друштвото на писателите на Македонија за издавање на 130 томови од македонската книжевност. Цврсто сме убедени дека не смее да има ниту едно училиште во Република Македонија кое не располага со сопствени примероци и оваа акција има за цел да го направи токму тоа – да ги збогати училишните библиотеки со најдобрите страници на македонскиот уметнички пишан збор. И не само тоа. Ценејќи дека македонската литература има естетски вредности од светски ранг, имаме за цел тие вредности да ги претставиме на светот. Проектот на Владата на Република Македонија за 2009 година предвидува превод на македонските класици на англиски јазик.
Почитувани ученици, професори, гости,
Нашата мисија е да го поддржиме сето она што ќе овозможи прогрес на земјата. Денес луѓето, притиснати од економски проблеми, можеби повеќе од било кога порано, се прашуваат дали има смисла личното и општественото вложување во јазикот, литературата и културата?
Но денес, повеќе од било кога порано, станува јасно дека не може да се прави избор помеѓу егзистенцијата и есенцијата. Едното без другото не може. На Македонија и требаат луѓе, кои ќе бидат високи професионалци и во технолошките и во хуманистичките и во сите други дисциплини.
Затоа ги поддржуваме вашите афинитети на полето на хуманистиката и ве охрабруваме да продолжите, да давате се од себе, да усвојувате знаења и неуморно да работите. Охрабруваме и поддржуваме не само на збор, туку и на дело. Владата на Република Македонија вложува во образованието и младите преку компјутеризација на училиштата, преку изградба на спортски сали, преку стипендии, преку отворање нови универзитети итн. зaшто знаеме дека, само општество кое е базирано на знаење може да овозможи стабилна иднина на своите граѓани.
Почитувани ученици,
Ви посакувам само најголеми успеси на натпреварот и нека победат најдобрите.
Благодарам