Почитувани екселенции, Почитувани претприемачи и менаџери, Дами и господа, драги гости

Почитувани екселенции, Почитувани претприемачи и менаџери, Дами и господа, драги гости

Чест ми е да се обратам на денешниот настан и да ги поздравам активностите на Европската бизнис асоцијација во Република Македонија насочени кон поврзување и продлабочување на соработката помеѓу македонските и европски компании, поддршка на извозно ориентираните македонски компании и привлекување нови странски инвестиции.

Истовремено, ја користам оваа прилика на г-динот Офнер да му честитам за изборот на Претседател на Европската Бизнис Асоцијација и да му посакам успех во работата.

Дозволете ми да констатирам дека Европската унија е најголемиот трговски партнер на Македонија, а оваа година очекуваме да се реализира историски најголемиот обем на трговска размена. Со приближувањето на земјата и регионот кон ЕУ очекуваме овој тренд да продолжи и да се зголеми нивото на инвестиции во земјава.

Во моето излагање, би сакал да ги изнесам главните политики и мерки што Владата ги презема за креирање поволна бизнис клима, а со тоа и за зголемување на домашните и странски инвестиции.

Дозволете ми да започнам со потенцирање на клучните приоритети во Економската програма по кои се води нашата Влада:

  • остварување и одржување на повисок економски раст, и
  • зголемување на стандардот на населението.

За реализирање на овие цели, посебно сме фокусирани на подобрување на бизнис климата, создавање услови за развој на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста.

Република Македонија во континуитет ги одржува политичката и макроекономската стабилност, кои се главни предуслови за економски развој.

Политичка стабилност. Македонија е успешен пример за мултиетничка држава во која посебно внимание се посветува на развој и негување на демократски процеси, подобрување на меѓуетничките односи и водење мирољубива регионална политика. Нашата определба за евроатланска интеграција се потврди со статусот што Македонија го доби на земја кандидат за ЕУ и поканата за интегрирање во НАТО што ја очекуваме во 2008 година. Владата интензивно работи на исполнување на стандардите во сите сфери потребни за стекнување полноправно членство во ЕУ.

Посебно е значајно што придвижувањето на земјата кон ЕУ и НАТО дава сигурност за странските инвеститори за обезбедување политичка стабилност, квалитет на институциите и развој на демократските процеси неопходни за подобрување на вкупниот имиџ на земјата и за остварување на предвидениот економски раст.

Макроекономска стабилност. Македонија има долга историја на макроекономска стабилност со ниска инфлација, која во просек во поледните 10 години изнесува околу 2%, избалансирани јавни финансии со низок дефицит од 1%, високо ниво на девизни резерви, стабилен курс на денарот и низок јавен долг од околу 32% од БДП. Како резултат на прудентните макроекономски политики добивме позитивни оценки од меѓународните финансиски институции и реномирани светски кредитни агенции.

– Бруто домашниот производ покажува забрзани стапки на раст на македонската економија, при што вкупниот извоз во првата половина од годинава бележи зголемување од 50%, додека извозот во ЕУ е зголемен за 60% споредено со истиот период лани.

Приливот на странски директни инвестиции во првите шест месеци изнесува над 120 милиони евра, што е повеќе отколку просекот за цела година во изминатиот период.  

Со цел подобрување на деловното опкружување, привлекување инвестиции и зголемување на конкурентноста, спроведуваме политики и мерки во повеќе области:

– Со данокот на добивка и данокот на доход кои од почетокот на 2008 година ќе изнесуваат само 10%, Македонија има најнизок рамен данок во Европа и најповолен пакет на даноци. За бизнисмените, многу позначајно е што реинвестираната добивка е целосно ослободена од оданочување.  Поволностите од ваквите ниски даноци, ќе ги почувствуваат многу компании.

– Мотото на оваа Влада е „бизнискратија наместо бирократија“.  Затоа, ја имплементираме Регулаторната гиљотина и веќе усвоивме сет на мерки со кои ги поедноставуваме бирократските процедури.

Го воведовме правилото „молчењето е одобрување“ кое е моќен инструмент за притисок врз администрацијата да одговара на барањата на граѓаните и бизнисмените во пропишаниот рок.

Ги намаливме тарифите и надоместоците и до 50 отсто кај десетина државни институции, меѓу кои Централниот регистар, Катастарот, Царинската управа, Бирото за метрологија, итн.

Значително ги поедноставуваме и забрзуваме царинските процедури за увоз и извоз како и постапките за добивање дозволи за градба. Што е многу значајно, имплементираме крупни реформи во Катастарот, се со цел далеку поголема ефикасност во запишување на правата на сопственост и негова целосна функционалност и дигитализација до крајот на 2008.

– Во однос на започнувањето бизнис, задоволство ми е да соопштам дека фирма во Македонија може да се регистрира за само 4 часа, без потребен почетен капитал.

– Владата работи на подобрување на пристапот до капитал за македонските претпријатија. Познато е дека конкуренцијата е најприродниот регулатор кој ги израмнува интересите на корисниците и давателите на услуги. Во таа насока, пристапивме кон либерализирање на финансискиот сектор при што резултатите веќе се чувствуваат. Светскиот реномиран бренд Societte Generale е присутен во банкарскиот сектор; словенечките Сава-Ре, Триглав и австриски Граве во осигурителниот сектор; како и Хипо Алпе Адриа во лизинг секторот. Со новиот Закон за банки го олеснивме основањето на филијали на реномирани странски банки во Македонија, со што дополнително ќе се олесни пристапот до капитал потребен за финансирање на нови инвестициони проекти.

Дополнителни извори на капитал ќе обезбедат и преку воспоставување на нови еквити фондови кои Владата ќе ги кофинансира во соработка со приватни еквити фондови.

– Зголемувањето на конкурентноста е еден од нашите клучни приоритети поради што интензивно инвестираме во развој на човечкиот капитал преку модернизација на образованието, прилагодување на програмите кон потребите на бизнисот и развој на претприемништвото. Воведовме задолжително средно образование, компјутеризација на училиштата преку Проектот “Компјутер за секое дете“, мандаторно изучување на повеќе странски јазици и на претприемништво.

Во делот на инфраструктурата – транспортот и енергетскиот сектор преземаме низа активности:

– За комплетна модернизација на Македонските аеродроми преку концесиски модел, како и изградба на незавршените патнички и железнички делници од Коридорите 8 и 10.

– Посебен приоритет за наредните 2 години е гасификација на Македонија, преку заокружување на гасоводниот прстен околу Скопје, доизградба на главни магистрални гасоводи до слободните економски зони: Скопје, Штип и Тетово, а потоа и до другите градови во Македонија. Дел од овие проекти, како што најавивме ќе се финансираат преку заокружување на рускиот клириншки долг.  Во реализацијата на овие проекти ќе бидат вклучени македонски компании.

– За значително подобрување на снабденоста со електрична енергија, инициравме инвестициски циклус за изградба на термо, хидро и гасни централи и веруваме дека Република Македонија од нето увозник ќе стане извозник на електрична енергија во регионот.

– Заложбата на Владата за либерализација на телекомуникациските услуги и за намалување на цените се потврди со влез на нови оператори во фиксната и мобилната телефонија, како и во понудата на нови интернет услуги. Од минатиот месец со работа започна новиот оператор, австриски Мобилком, што придонесе за намалување на цените и кај останатите мобилни оператори. Истото очекуваме да се случи во фиксната телефонија додека користењето на интернет ќе се зголеми со започнување на активностите на новите WiMAX оператори: Космотел Ко, Некском и останатите регионални оператори.

Во изминатава година воспоставивме редовен дијалог со бизнис-заедницата. На средбите со стопанските комори и бизнис асоцијациите дискутираме конкретни прашања и предлози и се консултираме за политиките кои ги спроведуваме.

Почитувани дами и господа,

Како резултат на овие реформи, Македонија во 2007 година има подобра бизнис клима. Тоа го зборуваат домашните и странските бизнисмени и го потврдуваат ММФ, Светска банка и другите меѓународни институции. Конечно, тоа е верификувано преку одличниот резултат објавен  минатата недела во извештајот  на Светска Банка Doing Business 2008: Македонија е на 4-то место во спроведувањето на реформи во конкуренција на 178 земји. Четврта на листата на топ десет реформатори во светот.

Почитувани стопанственици,

Соработката меѓу Република Македонија и Европската Унија во следните неколку години ќе биде поинтензивна како во трговската размена, така и во однос на странските инвестиции. Со влезот на странски инвеститори очекуваме да се подобри продуктивноста во земјата, да се забрза преструктуирањето на претпријатијата; да се подобри корпоративното управување и најважно да се зголеми вработеноста.

Владата, на отворен и транспарентен начин на заинтересираните домашни и странски инвеститори ќе им ги обезбеди сите потребни услови за да можат непречено да ги реализираат своите инвестициони проекти во Република Македонија.

Во таа насока, Владата останува отворена за соработка со Европската бизнис асоцијација и ги поддржува нејзините активности кои се од интерес на сите нас и на граѓаните на Република Македонија.

Би сакал да Ви посакам корисни дискусии за време на денешниот настан и успешни активности во наредниот период.

Ви благодарам

Comments are closed.