Буџетот е во добра кондиција. Заклучно со декември вкупните приходи се реализирани со 96,3 проценти од планираното, а буџетскиот дефицит со прелиминарните проекции е на планираното ниво од 2,77 отсто од БДП. Како и минатата година и годинава ќе има навремена исплата на плати, пензии и социјални надоместоци.
 
Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на заедничката прес-конференција со министерот за труд и социјална политика Џељал Бајрами, на која потенцира дека сето ова создава основа во почетокот на 2010 година да се влезе со фискална стабилност и да се врши навремена исплата на планираните буџетски средства.
 
– Република Македонија успеа во 12. месеци од 2009 година редовно да ги врши исплатите на пензиите во првата недела од месецот што не беше случај пред три-четири години кога пензиите се добиваа по категории од 15 до 20 во месецот, рече министерот Ставрески и додаде дека на првиот работен ден од оваа година се исплатени 94 милиони денари социјални помош за туѓа нега, а денеска се префрлени средствата за исплата на пензиите, кои пензионерите може да ги подигнат од своите трансакциски сметки.
 
Министерот за труд и социјална политика појасни дека 52 илјади граѓани корисници на социјални примања, како и корисници на постојана парична помош, ги добиваа средствата навреме, само имало задоцнување кај категоријата корисници на помош за туѓа нега која за декември доцнела од технички причини.
 
Одговарајќи на новинарско прашање министерот за финансии истакна дека денешната аукција на државни записи со девизна клаузула, не е поврзана со пензиите, појаснувајќи дека пензиите се веќе исплатени, а аукцијата не е завршена.
 
Тој додаде дека на аукцијата се оди со помал износ за околу 600 милиони денари во однос на просекот од лани и со пониска камата и изрази уверување дека оваа тенденција ќе продолжи и во следните месеци.
 
Како што поосчи Ставрески, за годинава политиката е да се оди со намалување на износите на аукциите со цел помалку средства да се истиснат од банките, односно повеќе пари да можат да пласираат во стопанството.(МИА)
.