Македонскиот Проект за катастар на недвижности и регистрација годинава е еден од 12-те победници на натреварот „Подобрување на животот на луѓето во Европа и Централна Азија“ што традиционално го организира Светска банка.
Вкупно 98-процентна покриеност од територијата на државата со катастарска евиденција, двојно зголемен број на трансакции на недвижности, нивно запишување за само пет дена, а не за 60 како досега, и 70 отсто намалени цени на катастарските услуги, се клучните придобивки од Проектот.
– Македонија денес се смета за лидер во Западен Балкан по однос на катастарските реформи, рече на прес-конференција постојаниот претставник на Светска банка во Република Македонија Маркус Репник, оценувајќи го проектот како многу успешен.
Репник како посебно важни во целиот процес ги истакна лидерството на Владата и посветеноста на институциите за спроведување на предвидените реформи. До пред пет години, истакна, покриеноста на Македонија со катастарска евиденција изнесуваше 43 отсто, сега е 98, а до крајот на годината се очекува да достигне 100 проценти.
– Ова потврдува дека реформите се исплатат и дека ако се прават на конзистентнен и вистински начин, можат да дадат резултати, во рок од три до четири години да се постигне трансфорамција на институциите и да се зголеми нивна ефикасност, нагласи заменик-претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески. Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, до пред три години во Катастарот се запишувале по 300.000 предмети од кои заостанати биле околу 10 отсто, а сега овој број изнесува 650.000 со заостанатост од 0,5 проценти.
На годинашниот натпревар на Светска банка учествувале 282 проекта од околу 30 земји. При изборот на најдорбите, како што рече Репник, се следеле два основни критериума – конкретни резултати и иновација. Македонскиот Проект е единствен победнички од Западен Балкан.
Ставрески на прес-конференцијата најави нова поддршка од Светска банка вредна девет милиони евра за натамошна модернизација на катастарот.