“Се согласувам дека треба да се зајакнат напорите за подобрување на квалитетот на јавната администрација. Има вработени кои поголем дел од времето зјаат празно во нивните компјутери,
или се однесуваат непрофесионално кон корисниците на услугите. Тоа е прашање на менталитет, како и на отсуство на адекватни механизми за наградување и казнување. Мора и вработените во јавната администрација да чувствуваат притисок дека можат да бидат казнети и конечно да го загубат работното место, како што важи за секој вработен во приватниот сектор”
Александар Јанев
Една недела откако Собранието го усвои ребаланост на буџетот, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски, во интервју за Капитал зборува дека даночните приходи во буџетот се подобруваат и не очекува дека ќе има потреба од ново кратење до крајот на годината. Министерот Ставревски коментира дека проблемот со долговите на државата кон бизнис секторот се преувеличува и ги повикува банкарите, со повеќе кредити да ја поддржат економијата. Тој останува на ставот дека македонската економија до крајот на 2010 ќе порасне за 2%. Освен тоа, министерот Ставревски за Капитал зборува за искуството со ММФ, плановите на Владата за задолжување до крајот на годината и проблемот на преобемната и неефикасна јавна администрација.
- Со оглед на продлабочувањето на економските проблеми во многу европски земји, меѓу кои и кај некои од главните трговски партнери на Македонија, меѓународните институции почнаа да ги ревидираат проекциите за економски раст и за Македонија се предвидува пораст на БДП од само 1%. Останува ли Владата на својата проекција?
Кога станува збор за проекции, нормално е да постојат разлики во оценките на различни меѓународни и домашни институции. Исто така, со оглед на длабочината и влијанието на светската економска криза врз националните економии, логично е дека е потребен одреден временски период додека истите застанат на здрави нозе. Во последниве месеци има позитивни сигнали за заздравувањето на македонската економија: зголемената трговска размена со странство за 11% и во тие рамки порастот на извозот од 22%, економскиот раст кај ЕУ земјите кои се наши најголеми трговски партнери, растот на цените на металите на светските берзи од 15%, порастот на земјоделското производство од 5%, порастот на градежништвото од 7,7% и финансиските услуги од 3,7%. Сето ова упатува на добри изгледи за реализација на владината проекција за пораст на БДП за 2010 од 2%. Очекуваме дека позитивните импулси во глобалната економија во втората половина од годината ќе бидат поизразени и како такви позитивно ќе се одразат и врз македонската економија.
- Дали овој раст е доволен за да се подобри животниот стандард на граѓаните и за економијата да почне да отвора нови работни места?
“Со оглед на тоа дека од април наваму буџетските приходи секој месец се подобруваат и веќе се повисоки од ланските, не очекувам да има потреба од нов ребаланс на буџетот. Но, ако се укаже таква потреба, тоа ќе се направи. Во денешно време на криза временските хоризонти на планирање и проектирање се прилично скратени. Никој не може да гарантира какви ќе бидат движењата во европската економија, а со тоа и во македонската економија. Најважно е да реагираме навремено и да останеме ангажирани и дисциплинирани во делот на фискалната политика” |
“Анализите на Министерството за финансии покажаа дека земјите кои склучиле аранжман со ММФ воопшто не се во подобра состојба, ниту, пак, поминаа со помали последици низ кризата. Напротив, голем дел од тие земји мораа да преземат антикризни мерки кои директно се на товар на граѓаните и нивниот стандард: зголемување на даноците, намалување на пензиите, платите и вработеноста, и слични мерки. Само за споредба, во 2009 година просечниот раст на земјите од регионот кои склучија аранжман со ММФ е -6%, буџетскиот дефицит околу 5%, додека стапката на невработеност одеше нагоре” |
“Ставот кој се наметна во јавноста дека постои нередовно сервисирање на обврските на државата кон приватниот сектор е, благо речено, преувеличен. Владата во овие четири години докажа дека е многу стабилен партнер на стопанството, овозможувајќи бројни придобивки за фирмите” |
Сите реформи и мерки кои Владата ги имплементираше изминативе четири години беа во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните. Зголемувањето на платите и пензиите за повеќе од 30%, зголемувањето на субвенциите за земјоделците, опремувањето на училиштата со компјутери, бесплатните учебници, намалувањето на невработеноста, намалувањето на даноците и придонесите, отворањето на дисперзирани студии во посиромашните градови, како и други мерки, претставуваа директна поддршка на стандардот на граѓаните.
Но, факт е дека светската криза, најголема во последните 80 години, наметна нови предизвици и дополнително ја отежна работата во делот на подобрувањето на животниот стандард на граѓаните. Вистински предизвик за Владата во изминатите две години беше, всушност, како да се намали негативното влијание од светската економска криза. Ниедна од претходните влади на независна Македонија се нема соочено со вакво искушение. Борбата во овие две години беше да се обезбеди да нема намалување на пензиите и платите, навреме да се исплатат социјалните надоместоци, да нема масовни отпуштања од работа, да не се зголемуваат даноците, да нема девалвација на валутата, итн. Тоа се работи кои се случија во многу земји од соседството и пошироко. Ние успеавме сето ова да го избегнеме. А, доколку се случеа, овие работи би влијаеле за дополнително да се намали стандардот на граѓаните. Ние успеавме во овие турбулентни времиња да ја задржиме макроекономската и социјалната стабилност и во голема мера да ги ублажиме последиците од кризата врз граѓаните. Тоа е голем успех, кој како и да го толкува.
- Владата направи ребаланс на буџетот со кој ги скрати расходите за 76 милиони евра, но експертите предупредуваат дека до крајот на годината повторно ќе треба да се прилагодуваат приходите и расходите во државната каса. Какви се владините проценки за даночните приходи. Ќе биде ли потребен уште еден ребаланс на буџетот заради потфрлањето на даноците?
Ревидирањето на буџетот во вакви услови не е ништо невообичаено. Само како податок, 17 земји од Европската унија направија ребаланс на нивниот буџет во првите шест месеци од годината. Бидејќи една од основните начела на оваа Влада е одржување на макроекономската стабилност и контролиран буџетски дефицит, благото потфрлање на приходите во буџетот во првиот квартал од 2010 година неминовно наметна негова ревизија.
Со оглед на тоа дека од април наваму буџетските приходи секој месец се подобруваат и веќе се повисоки од ланските, не очекувам да има потреба од нов ребаланс на буџетот. Но, ако се укаже таква потреба, тоа ќе се направи. Во денешно време на криза временските хоризонти на планирање и проектирање се прилично скратени, никој не може да гарантира какви ќе бидат движењата во европската економија, а со тоа и во македонската економија. Најважно е да реагираме навремено и да останеме ангажирани и дисциплинирани во делот на фискалната политика, а дефицитот од 2,5% кој е втор најнизок во Европа тоа го обезбедува.
Предизвик е да се реформира јавната администрација!
- Речиси сите меѓународни финансиски институции & забележуваат на земјата на огромната и неефикасна јавна администрација која претставува огромен товар за буџетот. Имате ли идеја и план за реформирање на администрацијата, во помала и поефикасна?
Обемната администрација се јавува како проблем кај сите помали држави, претенденти за членство во Европската унија. Процесот на евроинтеграциите е проследен со зголемување на вкупниот број јавни службеници во јавната администрација. Се создаваат нови институции, додека, пак, некои институции мора да бидат значително зајакнати, бидејќи процесот на пристапување кон ЕУ неминовно наметнува нови должности или проширување на постоечките.
Во Република Македонија прашањето е дополнително актуелно заради обврската за реализација на Охридскиот договор во делот на постигнување на поправична застапеност на етничките заедници. Сепак, би се согласил дека треба да се зајакнат напорите за овие процеси да бидат проследени со подобрување на квалитетот на јавната администрација. Има вработени кои поголем дел од времето зјаат празно во нивните компјутери, или се однесуваат непрофесионално кон корисниците на услугите. Тоа е прашање на менталитет, како и на отсуство на адекватни механизми за наградување и казнување. Мора и вработените во јавната администрација да чувствуваат притисок дека можат да бидат казнети и конечно да го загубат работното место, како што важи за секој вработен во приватниот сектор.
Во таа насока, се донесоа измените во Законот за државни службеници, а во кој е утврден систем на кариера согласно европските стандарди. Очекувам неговата доследна реализација да овозможи да дојде до зголемување на квалитетот и ефикасноста на јавната администрација. За да се подобрат состојбите, како во поглед на квантитетот, така и на квалитетот на јавната администрација, Владата формираше Меѓуминистерски комитет за реформи на јавната администрација кој со СИГМА и останатите партнери од ЕУ ќе ги реализира реформите во јавната администрација. Неодамна започнавме активности за оптимизација на органите во состав на министерствата кои ќе резултираат со спојување или сведување на некои агенции, фондови, управи и слично, во сектори во министерствата. Но, секако, овие процеси мора да се реализираат побрзо и похрабро, во интерес на сите, а пред се на граѓаните на Република Македонија.
- Со ребалансот буџетскиот дефицит останува на нивото од 2,5% од БДП. Како планирате да се финансира овој дефицит и да обезбедите уште 130 милиони евра за враќање на стари долгови, со оглед на тоа што условите на пазарот за издавање на еврообврзница с$ уште не се поволни. Има ли Владата план Б и кој е тој?
Успешно се бориме со кризата |
Факт е дека светската криза, најголема во последните 80 години, наметна нови предизвици и дополнително ја отежна работата во делот на подобрувањето на животниот стандард на граѓаните. Вистински предизвик за Владата во изминатите две години беше, всушност, како да се намали негативното влијание од светската економска криза. Ниедна од претходните влади на независна Македонија се нема соочено со вакво искушение. Борбата во овие две години беше да се обезбеди да нема намалување на пензиите и платите, навреме да се исплатат социјалните надоместоци, да нема масовни отпуштања од работа, да не се зголемуваат даноците, да нема девалвација на валутата итн. Тоа се работи кои се случија во многу земји од соседството и пошироко. Ние успеавме сето ова да го избегнеме. А, доколку се случеа, овие работи би влијаеле за дополнително да се намали стандардот на граѓаните. Ние успеавме во овие турбулентни времиња да ја задржиме макроекономската и социјалната стабилност и во голема мера да ги ублажиме последиците од кризата врз граѓаните. Тоа е голем успех, кој како и да го толкува. |
Интенција на Владата е финансирањето на дефицитот во буџетот да биде претежно од надворешни извори. Така, покривањето на планираниот буџетски дефицит и редовното сервисирање на обврските по основа на домашниот и надворешниот долг ќе се обезбедат од: нето-емисија на државни хартии од вредност во износ од 3.989 милиони денари (65 мил.евра н.з.) и странски извори на финансирање во износ од 14.255 милиони денари (233 мил.евра н.з.). Во рамките на странските извори на средства, на Република Македонија & стојат на располагање околу 70 милиони евра од ММФ, средства од општата и специјалната квота, кои можат да се конвертираат во евра и да се користат за покривање на буџетските расходи и отплата на долгот. Повеќе земји минатата година ги потрошија своите квоти. Ние, благодарение на понискиот буџетски дефицит, ги заштедивме тие пари и ќе можеме да ги користиме оваа година, без да се задолжуваме одново. Тоа истото се однесува и на минатогодишната еврообврзница. Со домаќинско користење на истата само половина од средствата ги потрошивме во 2009 година, а остатокот ни помогна да ги покриеме буџетските потреби во првата половина од оваа година. Во однос на евентуалната нова емисија на еврообврзница, немаме ургентна потреба бидејќи имаме доволно средства на располагање од други извори. Но, секако, ако се создадат поволни услови на пазарот, во смисла на пониски каматни стапки, Владата ќе ја разгледа можноста за издавање на нова еврообврзница.
- Сте размислувале ли да побарате буџетска поддршка од Европската комисија која неодамна одобри таква помош за Србија во вредност од 200 милиони евра со камата од 1%?
Не, бидејќи нема потреба за нешто такво. Република Македонија веќе користи средства од Европската комисија преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА), со кој ни се достапни 184 милиони евра. До 2014 година на Македонија ќе & бидат дадени на располагање уште 96 милиони евра. Република Македонија како земја-кандидат за членство во ЕУ има право на користење на сите пет компоненти од ИПА. За разлика од нас, Србија се уште нема пристап до компонентите на ИПА и поради тоа има потреба и можност да побара буџетска поддршка од Европската комисија.
Добро ни оди и без ММФ
- Поделени се мислењата за финансиската помош од ММФ. Србија склучи аранжман и нивниот гувернер го оцени тоа како вистински потег за брз излез од кризата, а во последно време и хрватскиот гувернер изјавува дека доколку склучеле и тие аранжман сега кризата веќе ќе била зад нив. Зошто македонската влада го одбегнува ММФ како поевтина алтернатива на задолжување?
Анализите на Министерството за финансии покажаа дека земјите кои склучиле аранжман со ММФ воопшто не се во подобра состојба, ниту, пак, поминаа со помали последици низ кризата. Напротив, голем дел од тие земји мораа да преземат антикризни мерки кои директно се на товар на граѓаните и нивниот стандард: зголемување на даноците, намалување на пензиите, платите и вработеноста и слични мерки. Спротивно на нив, Македонија, без аранжман со ММФ, спроведуваше здрави економски политики кои токму ММФ ги пофали во неколку наврати. Нашиот буџетски дефицит и падот на економската активност се меѓу најниските во Европа, курсот е стабилен, дефицитот на тековната сметка на платниот биланс е преполовен, невработеноста не се зголеми, а јавниот долг се задржа на ниско умерено ниво. Само за споредба, во 2009 година просечниот раст на земјите од регионот кои склучија аранжман со ММФ е -6%, буџетскиот дефицит околу 5%, додека стапката на невработеност одеше нагоре.
Според сите индикатори, повеќе од јасно е дека Македонија нема потреба од склучување на аранжман со ММФ. Макроекономските резултати докажуваат дека Владата на Република Македонија има знаење и кредибилитет за да ги менаџира јавните финансии и во најсложени економски времиња.
- Владата неодамна најави промена на Законот за јавни набавки со кој според бизнисмените се легализираат задоцнетите плаќања од страна на државата. Зошто Владата предлага вакви измени во време кога компаниите страдаат од тешка неликвидност?
Сметам дека ова е чекор напред во регулирањето на состојбите. Основната интенција на измените на Законот за јавни набавки се претпријатијата да добијат правна и финансиска сигурност дека ќе останат ангажирани за да ја завршат започнатата работа и дека ќе бидат соодветно исплатени во договорениот рок. Тоа ќе ја подобри ликвидноста на фирмите, затоа што ќе овозможи посоодветно планирање на динамиката на извршување на договорите, а паралелно на тоа и на плаќањето на обврските. Ова не е невообичаена практика за спогодбено решавање на ситуациите. Се практикува во меѓународното право во многу земји. Доколку двете договорни страни се договорат за поинаков рок и динамика на изведба, како и финансиско затворање на работите, тогаш формално правно тоа е во ред. Тоа е еден вид гаранција дека проектите нема да бидат откажани или, пак, неисплатени, што е од корист за сите – за фирмите, за државата, но и за работниците.
Проблемот со државниот долг е преувеличен
- Што е причината за нередовното сервисирање на обврските на државата кон фирмите. Споменавте дека државата има проблем со наплата на своите побарувања од компаниите? Како е можно да се толерира тоа во услови кога на многу фирми со неплатени давачки кон државата им се блокираат сметките?
Сметам дека ставот кој се наметна во јавноста дека постои нередовно сервисирање на обврските на државата кон приватниот сектор е, благо речено, преувеличен. Владата во овие четири години докажа дека е многу стабилен партнер на стопанството, овозможувајќи бројни придобивки за фирмите. Така, уште минатата година државата направи многу за подобрување на ликвидноста и солвентноста на фирмите преку мерките со кои овозможи репрограмирање на обврските по даноци и придонеси, простување камати, нулта даночна стапка на данокот на добивка итн.
Трошоците за фирмите во Македонија се драстично намалени со спроведувањето на Регулаторната гилотина: преполовени се надоместоците за вадење документи во Катастар, Централниот регистар, Царината, забрзан е протокот на стоки преку граница итн.
За разлика од многу други земји во Европа, во Македонија даноците и во вакви кризни времиња останаа ниски и непроменети. Тоа е најголемата поддршка од Владата за македонскорто стопанство. Како ќе се реагираше ако Владата во Македонија ги зголемеше данокот на добивка, персоналниот данок или ДДВ, како што направија десетици други европски земји?
Како градежништвото во 2009 и во 2010 година единствено во Македонија од цела Европа остварува позитивни стапки на пораст од 8-10% ако се точни тврдењата на опозицијата дека државата им должи на фирмите или дека не вложува доволно во јавни инвестиции?
Понатаму, Владата обезбеди 100 милиони евра повластени кредити од ЕИБ, со каматна стапка од 6%, за малите и средни фирми во Македонија. Досега тие повлекоа околу 37 милиони евра со каматна стапка од само 6%.
Можам да кажам дека наспроти сите предизвици, со максимални напори обврските кон приватниот сектор се сервисираат навремено и со минимални доцнења, имајќи ги предвид законските рокови и околностите. Од друга страна, државата е максимално толерантна кон фирмите во вакви кризни времиња. Блокирањето на сметки е многу поретка опција која се применува во крајна варијанта откако претходно ќе се исцрпат сите законски можности за договорно плаќање под услови кои се максимално погодни за должниците.
- Банкарите најавуваат дека ќе се воздржуваат од кредитирање на приватниот сектор со образложение дека компаниите се уште се многу ризични и, наместо тоа, продолжуваат парите да ги вложуваат во благајнички и државни записи. Како да се создадат услови во Македонија за банките да почнат повеќе да ја поддржуваат економијата?
Заради последиците од светската економска криза може да се каже дека воздржаноста кај банките е зголемена. Стабилизирањето на економијата во последниве неколку месеци, заедно со растот на депозитите од 15% и олабавувањето на монетарната политика, се поттик за зголемување на кредитната активност. Во таа насока е и намалувањето на каматната стапка на државните записи на историски најниско ниво од 4,7% достигнато на последната аукција во јули. Веруваме дека кредитната активност до крајот на годината ќе се динамизира и дека банките ќе го постигнат предвидениот раст на кредитите од 10%, што е од исклучително значење за реализација на предвидениот пораст на БДП од 2%. Сите услови за ова да се оствари се склопени во мозаикот: ниски каматни стапки на Министерството за финансии и НБРМ, координирана монетарна и фискална политика, висок раст на депозитите, економија која заздравува и во Македонија и во Европа. Сега се на потег банките.