Буџетот за наредната година, според предлогот што Владата го усвои на вчерашната седница, ќе изнесува 159 милијарди 398 милиони денари. Приходите се проектирани на 147 милијарди 814 милиони денари и дефицитот од 11 милијарди 584 милиони денари.
 
Како што информира на денешната прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески приходите во предложениот буџет се за 6,6 отсто повисоки во однос на оваа година, а расходите за 6,8 проценти.
 
Дефицитот останува на контролирано и ниско ниво во вакви околности од 2,5 проценти од БДП, и како што истакна, со тоа Македонија и во 2011 година ќе биде една од земјите во Европа која ќе има еден од најниските дефицити на буџетот.
 
Според министерот буџетот за наредната година е инвестициски и развоен, а причина за тоа е зголемувањето на капиталните инвестиции за 29 проценти.
 
– Ако Буџетот за 2010 година беше буџет на стабилизација на економијата, Буџетот за 2011 година може да го наречеме инвестициски и развоен, рече министерот Ставрески и додаде дека основа за тоа се податоците предвидени во буџетот, односно проекциите за проаст на капиталните инвестиции за 29 отсто, односно за 5,147 милијарди денари.
– Во овие 20 години на историја на Република Македонија како независна држава никогаш во ниедна година, капиталните инвестиции во буџетот не биле планирани на вака високо ниво и никогаш не биле зголемени за 29 проценти во однос на претходната година, рече министерот за финансии.
 
Според него, порастот на капиталните инвестиции се темели на порастот на економијата и очекуваниот пораст на приходите, каде најголем дел од тој пораст на приходите наместо да се насочат кон плати, пензии и други категории, оваа година Владата го насочува кон инфраструктурни проекти.
 
Зголемување кај инвестициите има во сите сектори, во транспортот, здравството, образование, а ќе бидат обезбедени и дополнителни средства за субвенции во земјоделството.
 
Кај Агенцијата за државни патишта зголемувањето на инвестиции ќе биде за 7,6 отсто. Транспортот ќе добие 850 милиони денари повеќе идната година во однос на оваа. Предвидено е изградба на магистрални и регионални патни правци, патниот правец од Коридорот 10, локални патишта, железничката инфраструка, водоснабдителни и канализациски системи.
 
Во делот на здравството се предвидени инвестиции за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, набавка на медицинска опрема, имплементација на интегриран здравствен систем, изградба на дијагностички центар во Тетово и слично. Здравството добива најмногу дополнителни средства кои се за 1,8 милијарда денари повеќе од оваа година.
 
Во образованието инвестициите ќе бидат фокусирани во изградба и реконструкција на основни и средни училишта, изградба на училишни спортски сала, реконструкција на ученички и студентски домови, и нивно опремување, како и реконструкција на универзитетите. Образованието добива 1,783 милијарда денари повеќе од оваа година.
 
Во областа на социјалната и детска заштита предвидено е реконструкција и изградба на детски градинки и социјални институции. Со предложениот буџетот е предвидено доуредување на технолошко-индустриските развојни зони за што се предвидени 4,5 милиони евра, кај културата е предвидено продолжување на почнатите проекти, а дел ќе може и да се завршат и спортските објекти преку Агенцијата за млади и спорт. Инвестиции ќе има и во другите секотори.
 
Министерот Ставрески рече дека тековните расходи ќе бележат порст од 3,9 проценти, при што платите се одржуваат на непроменето ниво со пораст од 1,9 проценти. Кај трансферите порастот е 3,8, кај стоките и услугите 6,8 проценти. – Обезбедени се доволно средства за исплата на плати, пензии и социјални надоместоци, а обезбедени се дополнителни 15 милиони евра за субвенции во земјоделството, со што вкупниот износ за следната година ќе биде 115 милиони евра, рече министерот, додавајќи дека не се предвидени нови вработувања и оти ќе има дисциплина во вработувањата, освен вработувања поврзани со евроинтеграции и рамковен договор.
 
Наредната година, според предлогот, не е предвидено зголемување на платите на администрацијата. – Во овие околности нашата оценка е дека немаме доволно индиктори за тоа да се направи, рече министерот.
 
За финансирањето на дефицитот, Ставрески потенцира дека ќе се врши претежно од странски извори, односно од користење на извори од меѓународните финансиски институции, каде покрај буџетска поддршка предвидено е и користење на средства за конкретни проекти. Најактивни се, како што посочи, Светската банка, ЕБРД, ЕИБ и Банката за развој при совет на Европа.
 
Во однос на понудената кредитна линија од ММФ, министерот рече дека во зависност од одлуката на Владата за користење на средствата, во процесот на носење на буџетот меѓу првата и втората фаза, ќе можеме да допрецизираме каква ќе биде комбинацијата на екстерните извори на финансирање.
 
– Тука се можностите за издавање еврообврзница или доколку состојбите на пазарот на капитал не се адекватни и не се во согласност со очекувањата тогаш како осигурување би го имале кредитот од ММФ, сепак тоа не може да се прејудицира во оваа фаза додека Владата не донесе одлука во однос на тоа прашање, истакна минситерот.
 
Тој додаде дека со Предлог-буџетот не е предвидено домашно задолжување. – Во делот на финансирање од домашни извори појдовната наша позиција е на нето основа да нема дополнителни повлекувања на средства. Тоа значи само би се враќале средствата што се по издадените постојни обврзници, појасни министерот Ставрески и додаде дека она што сега е како проекција во буџетот подразбира нула домашно задолжување, значи да нема зголемување.
 
За наредната година предвиден е раст на БДП од 3,5 проценти и инфлација до 3 проценти.
 
– Порастот на економската активност за следната година се очекува да биде повисок отколку оваа врз основа на фактори кои се од екстерна и од домашна природа. Во однос на екстерните пред се се очекува заздравувањето на европската економија која почна оваа година и која што се одвива со подобра динамика отколку предвидувањата да помогне да го повлече растот и на македонската економија и очекуваме овој забрзан раст во втората половина на оваа година да се пренесе во следната година и да помогне македонскта екномија да оствари повисока стапка на економски раст врз основа на зголемена побарувачка на македонските производи, изјави министерот Ставрески.
 
Тој додаде дека се очекува извозот да расте со стапка од 10,5 отсто, а увозот со стапка од 9,5 проценти.
Според него, втор значаен фактор во насока на реализација на предвидениот раст е домашната побарувачка, како и инвестициите во буџетот.
 
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа со колку средства ќе се поддржат проекти во северо-западниот дел на Македонија, министерот одговори дека Буџетот на Република Македонија е Буџет на целата држава, кој е заеднички сработен на ниво на Влада и вклучува проекти кои се значајни за подобрување на животот и стандардот на граѓаните од сите делови на Македонија.