Министерството за финансии на Република Македонија и холандското Министерство за финансии во наредните 24 месеци ќе спроведуваат твининг проект за зајакнување на капацитетите на државните институции за внатрешна финансиска контрола и финансиска ревизија. Проектот, во вредност од 1,3 милиони евра, е финансиран од ЕУ, а ќе се одвива во над 70 државни институции и на централно и на локално ниво во земјава.

&nbsp

– Развојот на систем за стабилно финансиско управување и контрола и независна внатрешна ревизија останува наш приоритет во рамки на реформите во областа на управувањето со јавните финансии, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на конференција со која се означи почетокот на реализацијата на твининг проектот.

&nbsp

Тој додаде дека Република Македонија веќе докажа дека гради систем на јавна внатрешна финансиска контрола согласно меѓународните стандарди и најдобрите практики на ЕУ. Донесен, е појасни, Законот за внатрешна ревизија во јавниот сектор во 2004 година и Законот за јавна внатрешна финансиска контрола од 2007 година, а продолжи со донесувањето на новиот Закон за јавна внатрешна финансиска контрола од 2009 година и подзаконските акти што произлегуваат од него.

&nbsp

Министерот Ставрески посочи дека процесот на зајакнување на финансиската контрола во Македонија е почнат и се спроведува преку развој и примена на принципите на децентрализирана одговорност на раководството и воспоставување функционално независна внатрешна ревизија, односно развој на сите три компоненти на јавна внатрешна финансиска контрола – финансиско управување и контрола, внатрешната ревизија и нивното хармонизирање. Целта, како што рече министерот, е изградба на систем кој ќе гарантира разумно користење на јавните средства како и спречување на неправилности, сомнежи за измами и корупција.

&nbsp

Воведувањето на ваквиот систем на внатрешна контрола е во согласност со барањата на acquis во однос на финансиската контрола што подразбира изградба на модерни системи за внатрешна контрола во јавниот сектор, што води кон доследна комбинација на менаџерската одговорност и функционално независната внатрешна ревизија.

&nbsp

Во областа на финансиското управување и контрола постигнат е напредок во институциите на централно ниво. Министерот истакна дека во 97 отсто од институциите се назначени одговорни сметководители, во 76 отсто се назначени лица задолжени за неправилности, во 51 отсто се основани единици за финансиски прашања и во 42 отсто се назначени раководители на единиците за финансиски прашања.

&nbsp

Во областа на внатрешна ревизија на централно и локално ниво, пак, како што истакна министерот, основани се 117 единици за внатрешна ревизија, вработени се 159 внатрешни ревизори и назначени се 55 раководители на единиците за внатрешна ревизија.

&nbsp

Според амбасадорката на Холандија во земјава Симоне Филипини, проектот ќе придонесе кон зголемување на довербата во институциите на патот на земјата кон ЕУ, но ќе придонесе и кон подобра наплата на даноците. – Концептот е многу значаен во процесот на децентрализација и има за цел да ја спречи корупцијата и да ја зголеми транспарентноста, рече Филипини и додаде дека онаму каде јавноста нема доверба не ги плаќа даноците, а владата во тој случај е таа која треба да преземе мерки за да ја убеди јавноста.

&nbsp

Проект менаџерот Јос Ноувт информира дека во Македонија работат од 2007 година и оти сега целта е да се имплементираат донесените закони и правилниците произлезени од него. – Во државата е тешка имплементацијата на законите зашто во одредени моменти постои одреден тип на резистентност во раководните служби, односно раководните лица кои понекогаш сакаат да ја избегнат одговорноста што треба целосно да ја преземат на себе со цел да ги избегнат ризиците и грешките. Меѓутоа, во тоа се состои и предизвикот, рече Ноувт.(МИА)

Comments are closed.