Меѓународниот монетарен фонд очекува растот на македонската економија да зајакне и смета дека предвидениот раст од 3,5 проценти е остварлив.
Ова го истакна шефот на Мисијата на ММФ Ивана Владкова Холар по двонеделните разговори со претставници на Владата, Народна банка и приватниот сектор во Македонија.
Потенцира дека постојат потенцијални надворешни ризици и порача дека фискалната политика треба да се фокусира кон исполнување на таргетот на проектираниот дефицит од 3,5 проценти од БДП.
– Приватната потрошувачка сега е зајакната што придонесува за постепено повлекување на фискалниот стимул. Задржувањето на фискалниот дефицит на централната власт ќе биде важно за да се задржи одржливоста на долгот, изјави Холар на заедничката прес-конференција со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и гувернерот на НБРМ Димитар Богов.
Таа додаде дека предвиденото намалување на дефицитот на 2,6 проценти во 2016 година е соодветно, но оти треба да се утврдат мерки за негово исполнување.
Оцените дека финансискиот сектор е стабилен, но дека не е препорачливо натамошно релаксирање на монетарната политика, особено имајќи предвид дека кредитниот пораст се забрзува, а резервите се намалуваат.
Доколку се појават притисоци врз резервите, порача, НБРМ да ја зголеми каматната стапка. Според неа, пазарот на труд останува отворено прашање и намалувањето на невработеноста треба да се врши преку поттикнување на соработката меѓу странските и домашните компании, како и да се применат нови вештини и технологии.
Вицепремиерот Ставрески оцени дека ставовите на Владата и ММФ се слични.
– Македонската економија има добар тренд на пораст. Минатата 2013 година ја завршивме со пораст од 3,1 процент, а за годинава очекувањата се дека тој ќе стигне до 3,5 проценти, што е подобро од првично проектираното со Буџетот од 3,2 проценти. Порастот ќе биде добро избалансиран меѓу инвестициите и потрошувачката. Инвестициите главно ќе бидат поддржани со крупните инфраструктурни проекти, а зголемувањето на платите во јавната администрација и пензиите ќе ја стабилизираат личната потрошувачка и тоа ќе биде основа за поизбалансиран раст во текот на оваа и следните години, истакна вицепремиерот.
Според него, фискалната политика е добро поставена и Владата останува на позицијата за одржување на фискалниот дефицит во умерени рамки.
– Проектираниот дефицит е 3,5 проценти и ние сме подготвени со политиките и со реализацијата на буџетот во 2014 година да го одбраниме. За следните години стратегијата предвидува постепена фискална консолидација, која ќе биде соодветна на нивото на заживување на растот на економијата и на приватниот сектор и инвестициите од приватниот сектор, истакна Ставрески.
Тој додаде дека буџетскиот дефицит ќе се финансира со комбинација на домашно и надворешно задолжување. Посочи дека во наредниот период се очекува зголемување на странските директни инвестиции.
– Во следните 6 до 12 месеци, според најавите, ќе има најмалку 10-тина нови странски инвестиции кои ќе отворат нови работни места и ќе придонесат за натамошна диверзификација на извозот и зголемување на извозот и на БДП, потенцира министерот за финансии.
Гувернерот на НБРМ Димитар Богов истакна дека монетарната политика ќе продолжи да се фокусира на стабилноста на девизниот курс на денарот и дека заедно со фискалната политика ќе биде фокусирана да ја одржи македонската економија во рамнотежа.
– Нашите оценки се дека во наредниот период овој стабилен амбиент продолжува. Девизните резерви последните 30 дена веќе имаат тренд на пораст, така што очекуваме тој да продолжи и во наредниот период, бидејќи доаѓа еден период од сезонски аспект кој ги зголемува девизните резерви, па наше видување е дека оној пад на девизните резерви кој беше очекуван во првиот квартал од годината е зад нас и сега имаме поголем тренд, истакна Богов.
Тој додаде дека монетарната политика сега ќе биде внимателно насочена кон одржување на рамнотежата, која пред сè, е гледана преку движењата на девизните резерви и движењата на девизниот пазар. Мисијата на ММФ престојуваше во Македонија од 6 мај.