Надлежните институции почнаа да преземаат мерки за откривање и казнување на физичките лица коишто неовластено тргуваат и вложуваат преку интернет-платформи во хартии од вредност на странски пазари, што е забрането согласно Закoнот за девизно работење
Скопје, 16 август 2014 (МИА) – Надлежните институции почнаа да преземаат мерки за откривање и казнување на физичките лица коишто неовластено тргуваат и вложуваат преку интернет-платформи во хартии од вредност на странски пазари, што е забрането согласно Закoнот за девизно работење, соопшти денес Министерството за финансии, НБРМ и Комисијата за хартии од вредност.
– Сакаме да ја информираме јавноста дека во Република Македонија согласно со Законот за девизно работење, физичките лица – резиденти на Република Македонија, не смеат да вложуваат во хартии од вредност во странство. Според тоа, тргувањето, односно вложувањето во акции, обврзници, инструменти на пазарот на пари, деривативни финансиски инструменти и во други финансиски инструменти на странските финансиски пазари преку интернет-платформите е забрането, се вели во денешното соопштение од овие институции.
Во него се додава дека во последно време се забележува наплив на понуди за заработка со тргување преку интернет-платформите, кои ветуваат остварување големи приноси и дополнителни парични средства за вложување, со цел полесно привлекување на потенцијалните инвеститори.
– Тргувањето преку интернет-платформите со себе носи голем број ризици и може да доведе до високи загуби за вложувачите. За да се спречи ваквото тргување, надлежните органи почнаа да преземаат мерки за откривање и казнување на физичките лица коишто неовластено тргуваат и вложуваат преку овие интернет-платформи, се посочува во соопштението.
Надлежните институции потсетуваат дека казните за физичките лица коишто вложуваат во странски хартии од вредност на овој начин се во висина од 1.500 до 3.000 евра.