24 февруари 2019, Скопје – Министерот за финансии Драган Тевдовски најави повеќе локални инфраструктурни проекти за општина Битола во вредност од над 30 милиони евра, за време на трибината која денес се одржа таму насловен „Фер општество-шанса за сите“. Како што истакна министерот до крајот на годината се очекува почеток на изградбата на Пречистителна станица Битола, а во текот на годината треба да заврши изградбата на уличната инфраструктура на населбите АРМ 1 и АРМ 2, односно кај поранешната касарна.
-Кон крајот на годинава се очекува да започне изградбата на Пречистителна станица Битола, како и проширување и реконструкција на канализационата мрежа во Битола. Станува збор за инвестиција од околу 28 милиони евра, од кои 21 милион евра ќе бидат обезбедени се грант средства од Европската унија, преку ИПА фондовите. Преку овој проект ќе се изгради нова пречистителна станица за отпадни води, која ќе биде со капацитет за околу 113.000 жители. Исто така, ќе се изградат приближно 9 километри нова канализациона мрежа, реконструкција на 13 километри од постојаната мрежа и три нови пре-пумнпни станици.-рече Тевдовски.
Тој посочи и дека преку Проектот за подобрување на општински услуги, кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка и Европска унија, во тек е изградба на улици во населбите АРМ 1 и АРМ 2, или областа на поранешна касарна.
-Се градат 17 улици во новите населби во Битола, и тоа во АРМ 1 – 11 улици и паркинг и во АРМ – 2 се градат уште 6 улици. Вредноста на проектот е околу 2 милиони евра, а треба да заврши во 2019 година. На сите улици предвидена е изградба на водоводна линија, атмосферска канализација, улично осветлување и сите приклучоци до градежните парцели. Улиците овозможуваат комуникација на луѓето до индивидуалните парцели и до хотелскиот комплекс. Директни корисници од проектот се околу 15000 жители, кои се очекуваат да живеат и да работат на локацијата, особено млади луѓе. Индиректни корисници на проектот се сите жители од општина Битола-рече Тевдовски.
Преку Проектот за подобрување на општински услуги се гради водовод и нов резервоар за вода и улица во село Лавци, финансиран со ИПА грант – вредност 7,9 милиони денари. Проектот е во тек и треба да заврши до крај на месец март.