26 март 2019, Скопје – Нема ново нето задолжување со денешната аукција. Имено, на денешната аукција на државни хартии од вредност запишани се 1 милијардa денари (16,26 милиони евра), од кои на 23.03.2019 се вратија 878 милиони денари (14,27 милиони евра), а утре ќе се вратaт 123,6 милиони денари (2 милиони евра), по основ на порано издадени и доспеани за отплата државни хартии од вредност.
На аукцијата беа запишани 5-годишни државни обврзници без девизна клаузула (Re-opening) во износ од 600 милиони денари со камата од 1,70% и 15-годишни државни обврзници без девизна клаузула (Re-opening) во износ од 400 милиони денари со камата од 3,20%.
Од друга страна, претходно издадените државни хартии од вредност кои се отплатија на 23.03.2019 се 2-годишни државни обврзници без девизна клаузула во износ од 878 милиони денари со камата од 2,10%, а утре се отплаќаат 5-годишни државни обврзници со девизна клаузула во износ од 123,6 милиони денари со камата од 4,60%.
Во текот на месец март по основ на претходно издадени државни хартии од вредност доспеваат за исплата 8,94 милијарди денари или 145,31 милиони евра.