13 април 2019, Вашингтон – Додека меѓународните финансиски институции ја намалија глобалната проекција за раст, истовремено ја зголемија проекцијата за раст на Северна Македонија. Новите проекции покажуваат дека земјата се движи во добра насока. Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски во интервју за Гласот на Америка, за време на престојот во Вашингот каде што учествуваше на Пролетните средби на ММФ и Светска банка.

– ММФ и Светска банка ги намалија прогнозите за раст на светската економија поради волатилноста и неизвесноста што постои, трговските војни, неизвесноста со брегзитот и други фактори. Но најважно е што кога за најголемиот дел од земјите во светот ја намалува проекцијата за раст, за нашата земја, за Северна Македонија, ММФ ја зголемија проекцијата од 2,8% на 3%.. Новите проекции покажуваат дека земјата се движи во добра насока, дека економијата закрепнува и еве веќе дека остварува подобри стапки на раст – рече Тевдовски.

Тевдовски посочи и дека сите показатели укажуваат на тоа дека економијата оди напред. На пример, вели министерот, индустриското производство, и во услови кога на глобално ниво се води битка со царински тарифи, остварува одлични стапки на раст, односно околу 10% во првите два месеца од годината. Исто така, извозот има стапка на раст од 6,8%. Странските инвестиции изминатата година беа највисоки од независноста досега. Кредитирањето на претпријатијата, и воедно движењата во бизнис-секторот се подобри од кога било во последните 5 години. Сето ова укажува дека македонската економија е закрепната и дека може да остварува добри стапки на раст, а тоа веќе го покажуваат и признаваат и меѓународните институции така што ни ја зголемија проекцијата  за раст од 2,8% на 3%, истакна Тевдовски.

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, за Гласот на Америка истакна дека проекциите на Народна бакна за раст за годинава се над 3%.

– Последната рунда проекции што ја направивме датира од минатата година и со оваа проекција очекувавме раст од 2,3% за 2018 година, но остварувањата беа повисоки, како што видовме, 2,7%. За оваа година нашите проекции се над 3%. Секако, ние ги имаме предвид последните движења, последните проекции, бидејќи проекциите во нашата земја во голема мера зависат и од екстерното окружување. Во моментов стручните служби на Народна банка работат на проекции на растот, на инфлацијата, генерално на нашите среднорочни видувања, кои ќе ги соопштиме на јавноста на почетокот на мај -рече Ангеловска-Бежоска.

Тевдовски, пак, посочи дека со членството во НАТО земјата ќе добие печат на стабилност. Очекувањата и случувањата во другите земји во регионот кои станаа членки во НАТО се дека инвестициите, особено странските ќе се зголемат.

– Тоа значи дека ќе дојдат инвестиции што ќе отворат нови работни места и со тоа ќе ја движат економијата но и ќе го подигнуваат животниот стандард на граѓаните – рече Тевдовски.

Тевдовски истакна дека проекцијата на Министерството за финансии за растот за следната година е 4%.

– Проекцијата од 4% за наредната година е есенска проекција. Мислиме дека позитивната насока на земјата со членството во НАТО овозможува македонската економија да има потенцијал не само да го оствари тоа, туку и повисоко. Посебно ако се остварат нашите очекувања за посилен прилив од странски инвестиции -рече Тевдовски.

Ангеловска-Бежоска, пак, посочи дека со октомвриските проекции базичното сценарио е понатамошно закрепнување на нашата економија, постепено забрзување на стапката на економски раст, но притоа дека очекува тоа да биде стапка на економски раст која нема да значи големи јазови во делот на потенцијалниот производ на нашата економија и оттаму не очекува таа да креира некои инфлациски притисоци.

 

Comments are closed.